Нова тура битолцизми на Кекело…

ПУЛЕЈКА

Е пулејка е украс. Маааал, многу мал, светликав, пластичен тркалезен украс. Дијаметар 2-3 милиметри. Вообичаена боја е сребрена или златна. Но има и од останатите бои. На средина во центарот на пулејката има отвор за да се зашие врз кошула, блуза. Се шијат врз блуза или кошула, кузне колку ногу на број, катаљони шо се вели. И која носи таква облека прикажува дека фамилијата ја бива, и мајка и и неа, демек нафатни се, ги бива, полесно и побрзо ќе се мажи на пример.

Веруваме дека терминиот е настанат од светкав украс на облеката кој има за цел да го одврати погледот од лицето/очите на оној кој ја носи, и така да ја заштити од зли погледи. Да ја пули во пулејките, а не в’очи! (редакциски додаток).

УЈДИСА

Ова се користи за да се опише дека некој е со некого, било да се за работа (ортаклук), било за дружба во слободно време, било пак од љубоф, или пак пакос да напрат. На пример Види ги, како се ујдисани како тенџерче и капаче. Или, Арно се ујдисаја двата инаку немаше да ја завршат работата. Или ко ќе ги видиш ујдисани – бегај, оти нема арно да ти напрат. Или абе се ујдиса со онај угурсузо и види на шо дереџе го дојсе, тешко на мајка му и татко му, ги изеде срамо (ова за чупе ако фати манук кој не му е по ќефо на комшиите и/или на родителите).

далдиса чоеко

ДАЛДИСА

Ако на пример некој сака некое чупе ноооогу, и ништо друго не гледа ниту пак го интересира, само во неа е вдаден, и за неа збора … е тогаш тој е далдисан по неа, по чупето.

Или, ако и кога си преуморен од трчање, одење или од физичка работа се вели Види го далдиса од работа, не мој да мрдни поќе.

чалдисано ф’крај!

ЧАЛДИСА

Многу непријатна состојба за домаќинката. Ако чалдиса нешто – сите ќе ја разберат, во зграда ако живеј – цел влез и откарши, а ако е во Гини Мале до бакалница на среде шо е ќе ја сетат. Се вели Ги чалдиса кифлите, или зелнико (недајбоже), или било што да се печи во рерната. И ако се чалдисани, тогаш се фрлат зашто се нејадливи, црни се, изгорени 113 %.

Некои додаваат дообјаснување дека иако зелнико е чалдисан, ама малку, одозгора само, така да ако се извај горната кора, можи да се јади. Арно ама… домаќинката ќе треба да се правда пред комшивките како то можеше да му се случи, нешто незамисливо за вистинска домаќинка е да се чалдиса нешто шо се печи или да се загори манџата.

Извор Плагијат