Бремена го победив ракот и со нова дојка започнав нов живот

„Во животот не знаете колку сте храбри и колку сила имате, додека не се соочите со стравот за сопствениот и животот на вашето неродено дете“- со овие зборови ја започна својата приказна 36 годишната битолчанка Виолета Пауновска. На 28 годишна возраст, кога го очекувала своето второ дете, при случаен допир, открила грутка на дојката. Првиот впечаток бил дека најверојатно се работи за хормонски промени на дојките. Но по направените испитувања, бил дијагностициран рак на дојката.

Мојот или животот на моето бебе
Во моментите на најголема среќа, очекување на новиот член на семејството, наместо спокој и радост, нејзиниот живот комплетно се променил. По првиот шок од дијагнозата упеала да ги среди мислите и решила да не се предаде на болеста. По консултации со неколку доктори, го добила истиот одговор, бременоста мора да се прекине доколку сака да преживее.

„Тогаш почна вистинскиот психолошки пекол за мене, да ја прекинам бременоста во 6-тиот месец, кога го чувствував животот во мене, го чувствував секое негово движење. Едноставно не можев да донесам одлука и да ја прекинам бременоста и покрај тоа што имав агресивен карцином во мојата дојка. Во исто време пак се плашев дека ќе го оставам без мајка моето друго дете. Но благодарение на докторите од Клиничката болница во Битола, предводени од онкологот д-р Петар Стефановски, ја прифатија мојата одлука, и заедно ја почнавме битката за мојот и животот на моето дете. „раскажува Виолета.

Конечно го прегрнав мојот ангел
Со огромен стомак и со раката прикачена на хемотерапија, Виолета ја започнала борбата со агресивниот карцином. Терапија примала на секои три недели. Во меѓувреме и паднала и косата но не и борбениот дух дека ќе успее да излезе победник и ќе биде покрај своите деца.

„Кога водите битка со карциномот, вие се борите и со љубопитните погледи на луѓето дека нешто се случува со вас. Но јас не им обрнував внимание, најважно ми беше да се излекувам и да си го прегрнам живо и здраво моето бебе, за другите не ми беше важно. По две недели од последната терапија, дојде терминот за породување.“ раскажува Виолета, која и покрај инсистирањата на докторите за породување со царски рез, по втор пат победила нејзината одлука, да се породи природно.

„Не знам од каде добив неверојатна сила, и не сакав да одам на царски рез, иако докторите инсистираа на тоа. Успеав во својата одлука и ја добив првата битка, се роди Александар, едно мало ангелче со плави очи и плава коса. Добив живо и здраво дете, кое немаше никакви последици од хемотерапијата.“

Најголем удар во целата битка беше отстранување на дојката
Две недели по породувањето Виолета продолжила со терапиите. Без никакви проблеми, ја примила и 8 -мата хемотерапија, по што подготвена заминала на операција за отстранување на дојката. На операцијата гледала како спас, дека во најскоро време ќе заврши се и ќе може да ужива во мајчинството.

„Операцијата помина одлично, кога се разбудив почуствував големо олеснување дека се заврши. Но оваа моја радост траеше до моментот кога се погледнав во огледало, и ја видов празнината на мојата дојка. Бев млада имав 28 години а се чувствував хендикепирана. Како поминуваше времето, ми беше се потешко, не можев да облечам тоа што сакав, туку тоа што морам. Сето ова доведе да се затворам во себе и изгубив волја, бидејќи никогаш нема да бидам истата.“

По реконструкцијата, повторно се вратив во живот
Со години мечтаела да ја врати својата женственост. Случајно, во една група на социјалните мрежи се запознала за процесот на реконструкција на дојка. Од тој момент за неа започнува едно ново, но позитивно патешествие предводено од д-р Софи Пејкова, пластичен хирург на Клиниката за пластична хирургија.

„Во ниту еден момент не се двоумев, бев многу среќна и возбудена што конечно ќе ми се оствари желбата. Веднаш ја контактирав д-р Софи Пејкова, која ми го објасни целиот процес. Ми влеа голема доверба и без двоумење се одлучив да поминам низ две хируршки интервенции и да си ја вратам дојката.“ продолжи Виолета.

Првата операција била трансплантација на мускул од грбот во делот на дојката. Втората операција била поставување на имплантот.

„За многу жени кои се бореле со ракот самата помисла на болница, операција преставува дополнителен стрес, но не и за мене. Го издржав целиот процес на реконструкција благодарение на докторката Пејкова . Без нејзината бескрајна трпеливост, грижа и посветеност која ми помогна многу во постоперативниот период, немаше да ја остварам својата желба. За мене таа е голем професионалец и пред се човек, која е заслужна што денеска јас успеав да ја вратам самодовербата и да ги избришам сите траги на моето тело од борбата со ракот. Ги охрабрувам сите жени, кои после ракот не се чувствуваат комплетни, да направат реконструкција, без разлика на годините.“ продолжи Виолета.

Сега ракот за Виолета е минато, но таа научила како да се избори со целата болест, да добие сила и да свати дека канцерот не е болест која секогаш завршува со смрт. Таа порачува дека како и за се во животот, така и за канцерот треба да се бориш. Нејзината борба, повторно ја вратила на животниот пат. Но овој пат, поинаква и посилна со нови погледи во животот. Сега ужива во секој миг, комплетна со своите две дечиња и сопругот.

Извор Медикус хелп

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here