Божидар Божиновски e old school битолчанец баш од таа старата гарда битолчани која повеќе ја нема и исчезна од непозната причина како диносаурусите. Неговото портфолио е многу сложено и неверојатно, од депресивен алкохоличар вработен во Меланхолија, до конструктор на Варбург и фризер на Северно-Корејскиот претседател Ким Ил Сунг, своевремено составувач и решавач на крстозборки, член на хипи движење, гостин на шанк со лузна од потпирањето, свингер и десна рака на Енвер Хоџа сега во Македонија каде пишува хумористични текстови за Фчерашни Новости кои ја смејат цела читателска публика од Македонија и наоколу низ светот. За една недела Северна. А Јужна ја нема. Наша обврска е да на баш ваквите изумрени врсти битолчани да им го дадеме заслужениот респект и да им се поклониме до земја. И така спонтано го контактиравме и го запрашавме неколку не многу тешки прашања кои се без заокружување:

ББ: Здраво почитуван господине Божиновски и поздрав од Битола. Од каде ја црпите вашата инспирација?
БоБо: Здраво и од мене, поздрав до вас и вашата публика. Инспирацијата не црпи нас. Не исцрпи. Поважни од нас се политичарите. Некогаш не можеш да направиш поголема глупост од тие што направиле и тоа те исцрпува. Сите вести се Фчерашни, цела држава е Фчерашна. Да ги извезувавме глупостите досега ќе идеа тука Германци на работа и ќе бевме во Г8.

ББ: Од какви матни типови е создадена екипата на Фчерашни и дали сите сте со членска од партија?
БоБо: Да, прв услов е да си член на ДОМ, ако немаш од ДОМ членска нема ни шанси во Фчерашни. Скриена агенда ни е ДОМ да стане апсолутен владетел на светот. Екипата е составена од супер девојки и дечки, сите различни ама имаме одличен диригент, Бранко (не Црвенковски), кој сите тие различности знае да ги спои и наштима да функционираат. Поздрав до сите освен до мене оти глупо е сам да се поздравувам.

ББ:  Како е возможно нешто друго да се работи, а да не си во државна администрација или невенчан сопруг со дрон на министерка од партија?
БоБо : Шо би рекле, животот наоѓа начини. Не дека го сакав ова и имам еден куп пати аплицирано за државно ама не ме примаат па шо ги еб*м сега да ме молат не одам. Иначе за дрон лесно е, оди министерка салам најди.

ББ: Дали некогаш самите фејк вести можат да изгубат контрола и да станат вистински?
БоБо: Сериозно прашање си бара сериозен одговор. Накратко, да. Надолго пак да, многупати на страницата на Фчерашни има коментари каде што луѓето мислат дека се вистински вести и се револтирани (како на пример веста дека отсега ќе се затвараат само невини за да не се во контакт со криминалци оти повеќе има криминалци). Се е тоа резултат на долгогодишна медиумска војна, ширење дезинформаци и во ова интернет доба секој бара потврда за својот став па макар ја нашол и во лажна вест. Лажните вести се вистински проблем, но и контролирањето на истите е проблем. Утре може да има регулаторно тело кое ќе ги контролира и секоја вест која нема да и одговара на власта да ја прогласува за фејк њуз со што би било цензура. Затоа сѐ останува на читателите. Не верувајте се што ќе прочитате. Не верувајте ни ова што ви реков да не верувате сѐ што ќе прочитате.


ББ:Ве следат 5404 луѓе. 50 % се машки и 75 % се женски. Дали е тоа можно? Не ве фаќа страв, сѐ и сешто има на фб!
БоБо:Сѐ и сешто има и надвор од Фејсбук. Срам ми е да кажам, знам дека многумина добиваат закани и од едните и од другите ама еве мене досега не ми се случило. Сите што ги имам запознато или шо ми дошле да се запознаме биле пријатни, сме пиеле пиво, некои ми носеле и подароци. Животот е прекраток за да го одмолчиш за проблемите што те мачат па нека има шо сака, кој ги еб*.

ББ:Дали добивате државни субвенции за ова што го правите?
БоБо: Јок, њама. Нема субвенции кога секогаш непријател ти е власта. Кога пишував против ВМРО ме додаваа луѓе со слики со знамето на СДСМ, со Заев, Оливер Спасовски мислеа дека сум нивен. Сега кога сум против овие (не сум ни против овие, ни против бившите само сакам, ко сите во државата нормален живот) ме додаваат членови на ВМРО затоа што мислат дека сум нивен. Еден ден кога ќе се вратат и тие ќе ме бришат од пријател и така во круг. А во државата ништо да се смени за народот.

ББ: Јануари е најдолгиот месец во годината. Дали Ви се има случено ете во Февруари да тргните 50€ настрана?
:БоБо: Да бе, еднаш ко дадоа плата на 29-ти јануари и од банка не повлеков ништо. Ја имам урамено сликата.

ББ: Роден битолчанец кој моментално работи и живее во Скопје. Колку Ви недостига Битола и битолчани?
БоБо: Сѐ помалку и помалку… Мојата Битола, кај шо растев полека се губи и шо е поважно си заминуваат луѓето со кои сум се дружел, сме делеле сѐ. Мојата генерација веќе се пензионира од шанкови, младите деца си излегуваат, ретко кој и познавам кога ќе излезам така да ми е некогаш како да сум излегол во Велес и Струмица. Ги нема ни местата, ги нема ни луѓето ама веројатно тоа е нормален процес во животот, не знам, прв живот ми е ова.

ББ:Дали сте локал-патриот и за “Независна Битола” и доколку Ви ја дадеме за поклон www.babambitola.mk ќе се вратите назад?
БоБо:Независна Битола да, ако се споиме со Новаци и им продаваме струја на остатокот од Македонија па да живееме како луѓе. Иначе без РЕК независна Битола ќе потони побрзо од Титаник. Со една фабрика и кафе не се живее. Шо е најстрашно ќе треба да одиме Прилеп на печалба.
Шо знам дали би се вратил. Цена инбокс. А можам и од овде да работам, зато е убав интернетот.

ББ:И покрај високото ниво на ПМ честички дали сеуште остана или има барем малце “хумор” во битолчани?
БоБо:Само тоа и остана. Ко веќе на никој не му е гајле за градот, а тие што сериозно се засекирани не се на функција да ги променат работите, нема критична маса, барем да се заебаваме на наша сметка. Дур не го забранат и то.

ББ: До кај си со љубофта?
БоБо:До замастен џигер и флеки на плуќа. До кај ќе оди ќе кажи аутопсијата.

ББ: Визија. Гледање во иднината. Како ја гледате Битолата после 5 и 50 години? Каде се гледате и вие?
БоБо:Тешко прашање. За пет години уште некои политичари ќе ветуваат затворен базен, парно во Битола, прочистување на воздухот, инвестиции во Жабени на оние што ќе останат во градот. Ме замисли прашањето зошто Битола толку е уништена. И нема логичен одговор. Централната власт треба да се грижи затоа што има многу гласови во Битола, а не им е гајле. Локалната власт треба да се грижи затоа што тоа им е работа, плус сите се знаеме и пак не се грижат. Битола е ко сираче на државата. Како и Македонија така и Битола е уништена од ситните интереси на политичари и контроверзни бизнисмени (да не клавам имиња тие се најчесто со многу кревок углед и лесно се повредени па не сакам да се гледаме на судови). Штета за еден град што претпрел 500 години турско, бомбардирањето 1916-та, окупации и што не да ни умира кога конечно е сосема наш. Ама тоа е…
За 50 години веројатно Битола ќе е ко Припјат во Чернобил. Ќе има рампа негде и со скафандер ќе идат да снимаат документарци како шетаат волци низ корзо, ако не се преземе нешто итно со загадувањето и со иселувањето на младите. Итно како оваа година, а не во програмата за наредни избори.
Јас кај се гледам. За 5 веројатно пак ќе куцам на Фејсбук нешто, а за 50 Св. Недела.

Ти благодариме господине Божидар, интервјуто е направено фчера и денес е таман за објавување. Голем поздрав и за целата екипа од Фчерашни Новости, едни од ретките кои на интересен и комичен начин ни ја преставуваат суровата реалност на случките и живеењето на животот во нашата Македонија, Северна, Илинденска, БЈР и др. ….