Времето го минува повеќе на небо отколку на земја. Од мали нозе е заљубен во небесните височини, синилото на небото и слободата. Заради тоа тој сега ја работи и најпредизвикувачката работа на светот-спасување на шумите и непристапните терени од пожари . За нас препознатлив во акцијата за гаснење на големиот пожар пред некоја година кој немилосрдно го зафати Пелистер. Нашиот херој битолчанецот Васко Михалчев.

Васко Михалчев

Здраво господине Васко ако може мал дел од вашата автобиографија, роден кога и каде, образование, работа, фамилија и слично?

Роден сум 1963 г. во Битола. Основно учев во Даме Груев кое уште си го обожавам, а средно училиште учев во техничко . Тогаш се викаше ЕМУЦ Ѓуро Салај. После тоа се запишав на машински факултет кој што не го завршив (летањето ми беше многу поважно). Оженет сум и татко сум на две деца. Моментално сум вработен во Дирекција за заштита и спасување во одделението за специјализирани услуги со воздухоплов на работно место шеф на пилоти.

Од каде дојде љубовта кон височините?

Моја најголема желба беше да бидам воен пилот. Таа желба за жал не ми се оствари затоа што моите родители не ми дозволија да учам во гимназијата Маршал Тито во Мостар. Арно ама очите ми останаа вперени во небото.

Неговата “канцеларија”

Колку време летате и како сето тоа започна?

Кога имав 16 години се зачленив во Аероклубот “Мирко Тодоровски” Битола. Почнав да го сонувам мојот сон. Мој наставник по летање беше Николче Поповски – Струјата. И ден денес си го почитувам како брат. Ми подари “ крила “ за летање. Успешно ја завршив обуката за летање со едрилици. После тоа завршив и обука за моторно летање. И така тргнав по патот по кој што и ден денес одам . Се стекнав со дозвола за пилот на едрилица, дозвола за спортски пилот, падобранска дозвола, дозвола за авио механичар и секако дозвола за професионален пилот. Паралелно со тоа доаѓаа и повеќе овластувања поврзани со дозволите. Во овој момент имам инструкторски овластувања за обука на пилоти на едрилици, пилоти на авиони и овластување за обука на пилоти на ултра лесни авиони. Воедно сум и овластен испитувач од Агенцијата за воздухопловство по наведените области.

Каде работите сега моментално и дали работата ви е предизвик или само рутина?

Против пожарните авиони Македонија ги купи во во 2009 година, а првите пилоти се примени во 2010 год. Обуката беше во Италија и Шпанија , а успешно ја завршивме 6 пилоти. Морам да напоменам дека летаме со авиони од типот AT-802 Fireboss . Тоа е авион амфибија и во светот со таков авион летаат не повеќе од 150 пилоти.

Учествувате во гаснење на многу пожари на територијата на Република Македонија . Колку со еден авион може да се спречи огнот и дали има ефект?

Гасење на пожар со авион е убедливо нај опасна операција во летањето, а тоа е за пилотите најголем предизвик. Успешноста при гасењето на пожари многу зависи и од силите на земја и нивната професионалност. Во секој случај поуспешно е кога се гаси со два или три авиони.

Битолчани Ве запознаа со гаснењето на пожарот на Пелистер. Какво беше чувството да ја браниш планината каде си израснал?

Кога беше пожарот на Пелистер работевме со два авиони. Секако дека имав многу емоции кога е во прашање нашиот Пелистер. Нас битолчани ни е најдрагоцена планина. За тој случај можам да кажам секоја чест на луѓето кои гасеа од земја. За мене тие се вистински херои.

Дали има и други битолчани во вашата екипа?

Имам постар колега кој е роден во Битола, ама цел живот живее во Скопје. На мајтап му велам дека не го есапам за битолчанец. 😀😀😀

Дали Ви недостига Битола и секој слободен викенд го користите за доаѓање тука?

Дали ми недостига Битола? Секако , тоа е мој град . Секогаш кога можам се враќам . Таму е мојот дом, мојот аероклуб, мојот Широк Сокак. Уживање ми е кафе во “Аеро”, и вас мислам…

На кафе во Аеро

Зошто Битола нема Аеродром?

Битола има аеродром ама е спортски… 😀😀😀

Ви благодариме господине Васко Михалчев и Ви посакуваме успешна работа и уште безброј часови летање во пензија…