Далечната 1961 година е снимен филмот „Мирно лето“, кој е првиот игран филм од македонски режисер, а истовремено и првата македонска филмска комедија во режија на битолчанецот Димитрие Османли (29 мај 1928, Битола – 13 март 2006, Скопје).

Димитрие дипломира на отсекот за режија на Театарската академија во Белград (1952). Се усовршува во Париз (1960-1962). Работи како уметнички раководител и режисер во Народниот театар Битола (1953-1954). Раководител е на уметничката реализација и режисер во Радио-телевизија Скопје (1965-1969). Уредник е на Забавната програма и режисер во Радио-телевизија Скопје (1969-1972). Професор е на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје (1970-1987) и негов декан (1979-1982). Се занимава и со филмска режија.

Селективна театрографија: Сите мои синови (1952); На крајот на патот (1955); Војникот фалбаџија (1955); Дневникот на Ана Франк (1958); Вејка на ветрот (1958); Гавран (1960); Оливер Твист (1963); Фармерки (1965); Хенри Осми и неговите шест жени (1967); Свадба (1972); Болва в уво (1974); И бол и бес (1975); Трамвај наречен желба (1979); Бабамбитолски патрдии (1981); Полнета птица (1982); Бог (1984); Хаос зад кулиси (1985); Свадба (1986); Салон Бумс (1987); Забуни (1989); Народен пратеник (1993); Кројач за дами (1996); Двајца во еден (1998).

Селективна филмографија: Бунтот на куклите (1957); Мирно лето (1961); Мементо (1967); Жед (1971); Ангели на отпад (1995). Режисер е и на 15 документарни филмови.

Награди: Прва награда за режија на Фестивалот за документарен филм, за филмот Дванаесетте од Папрадник (Белград, 1965); Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда (1966); Награда на град Скопје 13 Ноември за режија на филмот Мементо (1968); Орден на трудот со златен венец за филмска и театарска творечка дејност (1979); Награда 11 Октомври за животно дело (1985); Признание Крупен план од Институтот за филм во Белград (1987); Голема златна плакета на Филмскиот фестивал Браќа Манаки за афирмација на Фестивалот (Битола, 1990); Награда за животно дело на Македонскиот театарски фестивал Војдан Чернодрински (Прилеп, 1999).

За содржината на филмот “Мирно лето”

Тешко е од денешен аспект да се објасни, а особено на помладите генерации, колку големо внимание предизвика овој филм, со колку љубов и воодушевување беа посетувани неговите проекции во кината. Главното дејство се одигрува во Охрид, иако делови од филмот беа снимени и во Скопје.

Во она мирно, тивко, предземјотресно Скопје, со својот тогашен неповторлив шарм и убавина, но и убавината и неповторливоста на Охрид, како копнеж и желба на поинаков начин да се доживеат летните денови и авантури. Иако во тие години бевме на тинејџерска возраст, низ Скопје се ширеа приказни на кои места е снимен филмот, во кои објекти, што потоа бевме да ги посетиме, да ги видиме одблиску, особено делови од палатата на Рубенови во паркот.

Настапуваа врвни, во тоа време особено популарни актери, но врвни мајстори беа и камерманите (Љубе Петковски), сценографите (Диме Шумка), сценаристите (Фрида Филиповиќ), монтажерите (Маја Лазаров), сето тоа беше обединето под режисерската палка на Димитрие Османли и продуцентот „Вардар филм“.

Внимание привлекуваше самиот жанр – комедија, но и артистите што оставија траен белег во филмската и во театарската историја: Љупка Џундева, Слободан Перовиќ, Мери Бошкова, Дарко Дамевски, Илија Милчин, Петре Прличко, Илија Џувалековски, Ацо Јовановски, Стојка Цекова…

Добро е денес накратко да се потсетиме на содржината и на заплетот на филмот: младиот научник Заре Мисевски и неговата сопруга Мира, костимографка во театарот, живеат во изнајмена соба во Скопје. На Заре како на научник му е дадена задача (и клучевите), преку летото да го среди Етнографскиот музеј во Охрид. Тие престојот во Охрид и во музејот го замислуваат како оаза на мирот и спокојството. Но наскоро во објектот ќе им се придружат голем број роднини и пријатели, непоканетите и неочекувани гости, кои пристигнуваат и се сместуваат дури и во дворот. Мирот и спокојството ќе се претворат во метеж и хаос. Мирното лето ќе стане само иронична флоскула за едно немирно и бурно, но сепак возбудливо поминато лето.

Извори Нова Македонија и Институт за Театрологија