Јован Милошевски е светски музички виртуоз, роден во Битола, студирал музика во Битола и музичката академија во Палма де Мајорка. Милошевски има изведувано класични гитарски концерти низ цела Европа, но и џез и рок-концерти. Со својот уникатен стил, Милошевски свири на класични и електрични гитари, како и бузуки и мандолини.

Здраво господине Јован. Ако може едно кратко инфо за запознавање на нашите читатели?
Здраво до вас и сите бабам битолчани. Роден сум на 7.11.1972 г. во Битола. Основно учев во ОУ Елпида Караманди, додека средно во Музичкото училиште во Битола. Живеев Нова Битола на ул.Васко Карангелевски-Ремо 2.

Каде живеете сега и што работите?
Моментално сум Шпанија каде останав заради мојот дедо Вангел кои живее тука од 70-та година. Имав фамилијарна помош и тука можев да студирам класична гитара нешто кое кај нас во Македонија беше практично и невозможно.
Живеам во Палма де Мајорка од 1991 г. година и сега тука имам мое приватно музичко училиште. Професор сум на гитара. Во Битола завршив музичко училиште кај професорот Петар Митревски на соло пеење. Добив прва републичка награда на такмичење во Скопје 1989 год. Во Шпанија сум работел во опера со синфониски оркестри и тука завршив класична гитара.

Колку време се занимавате со музика и од каде дојде сета голема љубов која ја поклонувате кон неа?
Љубовта за музиката почнува од мало дете а со гитара почнав во мандолинскиот оркестар на ОУ Елпида Караманди.

Од кога сте заминат од Битола и дали Битола сеуште ја чуствувате како дел од себе?

Битола секогаш ја носам длабоко во моето срце. Од неа сум разделен од 91-ва. Носталгијата за Битола ја чувствувам уште од моментот кога заминав.

Дали имате напишано ваша авторска песна за Битола со која би се приклучиле кон многуте кои се направени за најопејаниот град на светот?

Сум пишал многу џез и рок музика исто како музика за театар а песната за брат ми “
Song for my brother “ е веќе доста позната. Сега за сега немам авторска песна за Битола, но кој знае можеби еден ден ќе напишам.

Со кои светски големи и познати имиња од музичката сцена имате соработувано?

Никогаш неможев да замислам дека ке стигнам да соработувам со толку големи музичари.

Многу од нив беа идоли за мене како дете. Можам да речам дека сум првиот македонец кој свирел во салата N XX на ОNU во Женева

на првиот медитерански концерт со 12 светски имиња. Соработувам до ден денес со многу од нив меѓу кои Тони Куенка (басист на Paco de Lusia) Хосам Рамзи (перкусионист-музичар, репродуктивен уметник на Чик Кореа, Питер Габриел, Џо Бонамаса и Лед Цепелин) кој во моето училиште одржува мастерклас.

Мојата сопруга, Јосра Зекри ја запознав на истиот концерт.

Таа е светски многу познат оперски сопран која доаѓаше на концертот во репрезентација на Тунис. Сум свирел и сум го прател баритонот Џон Понс.
Мојата позната брачеда Маика Маковски.

Шпанската влада од одделот за туризам ми организираа класични солистички рецитали по цела Европа и Русија, Германија Шведска, Данска, Полска Холандија, Португалија и така натаму.

Јован заедно со брат му Петар Милошевски

На 13-ти Март се навршуваат четири години од трагичната смрт на вашиот брат. Има иницијатива стадионот под Тумбе Кафе да се вика Петар Милошевски. Какви се вашите размислувања и дали сметате дека битолската власт треба повеќе да дадат свој допринос околу одбележувањето на големиот великан?

Прошлата година дојдов да свирам концерт за незаборав на тригодишнина од смртта на мојот брат. Тое е единствено нешто кое што можев да го направам и беше моја иницијатива. Брат ми е легенда. Многу редок пример од човечка големина за која Битола треба да се гордее специјално во овие времиња во кои такви примери нема. Остави аманет на битолчани и на сите македонци. Правеше многу добри дела со сѐ што можеше. Истиот тој беше скромен, ведар и насмеан кој постојано ги носеше другарчињата од улица дома да се најадат и остана непроменет кога имаше слава пари и кариера. Мислам дека битолската општина и власт треба повеќе да реагираат.

За крај што би ни посакале нас на Битола и битолчани и дали некогаш доколку има можност би се вратиле засекогаш повторно во вашиот роден град?

Би сакал еден ден засекогаш да се вратам под Пелистер каде конечно ќе се одморам. Да им помогнам на нашите млади и не би сакал да умрам тука во туѓина.

Повелете и четири линкови од моето ЦД “ БАЛКАНСКИ ВИРТУОЗ” каде има македонски народни песни со мои пишани аранжмани за класична гитара, џез, рок аранжмани за трио и мои композиции.

Изразува голема благодарност до Дуле Груевски, Илија Балтовски, Зоран Атипармаков за изразената поддршка и помош за одржувањето на минатогодишниот концерт во Битола како и посебна благодарност до Елена Тасич за водењето на страницата за Стадионот под Тумбе Кафе да се вика Петар Милошевски

Неговата фан страна Јован Милошевски

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here