Како жените го разбираат успехот?

Во што се огледува влијанието на поединецот или заедницата во општеството?

Кои се доминантните проблеми со кои се соочува една успешна жена?

Каков бил нејзиниот почеток и што е она што ја плаши денес?

На овие и на многу други теми, вчера во битолската Порта џез се одржа втората по ред Womenpreneurs Stories, која започна минатиот месец со првиот од серијата настани во организација на Преда Плус Фондацијата.

Проектот започна како иницијатива за афирмирање на потенцијалите на жените во бизнисот и нивното вмрежување како дел од Employouth проектот финансисран преку InteregCB програмата на ЕУ за прекугранична соработка со Грција.
Целта на проектот е да ја инспирира особено младата популација која е на прагот на размислите дали да се впушти во приватни бизнис води или да работи за некој друг.
На втората средба, три приказни раскажаа жени кои јавноста ги знае по своите професионални успеси:
Билјана Илиева Ванчевска-сопственик на заботехничка лабораторија, Христина Фуна-менаџер во Синпекс и Софија Ристевска-Петрушева режисерка и основач на Интимен театар во Битола. Модератор на настанот беше Елена Гагачева.

Нивните презентации ги открија и идеите и предизвиците и стравовите на тие почетоци.
Ванчевска користејќи ја изреката “Изигра машки”, поттикна интересна размисла на тема која е разликата помеѓу начинот на кој мажите наспроти жените превземаат ризик. Стереотип за кој често се дебатира.
Фуна ги спореди нејзините искуства кои спортот, конкретно ракометот и лекциите кој тој и ги даде и лесно може да ги примени и во бизнисот.
Режисерката Ристевска-Петрушева раскажа како театарот е место каде што се воспитуваат силни жени од мали нозе, ги спомена девојчињата кои таму учат преку театарот како да бидат самосвесни, проактивни и да ги развиваат своите потенцијали во сите области на животот.

Жените дефинитивно позитивно можат да го движат општеството ако бидат целосно вклучени и на тој начин направат разлика иницирајќи промени кон подобра иднина.

Се гледаме на 3 Womenpreneurs Stories во Јуни во Битола, со нови успешни и инспиративни приказни.