Високо над Битола, во некогаш тешко достапен простор за нас обичните граѓани, на само пет минути пеш од надалеку опеаните битолски касарни се наоѓа Турската Барутхана, Џепането.

Една од најубавите средновековни градби во Битола. Турското џепане, тврдина со четири уникатни објекти од делкан камен распространети на четири страни (исток, запад, север, југ) со бедеми високи по четири метри. Објектот бил изграден точно пред 140 год. во 1876 година како турска барутана, во време на битолскиот валија и командант на турската војска Ќоса Ахмет Зеки-Паша.


Во внатрешноста има четири објекти. На некои градби е изделкан грбот на османлиското царство. Внатре во северниот објект е насликана фреска на турски офицер на коњ.Влезовите на објектите се направени од делкан гранит. Магацините се зајакнати со контафори, кои обезбедуваат вентилација, но и херметичка затвореност. Таваните се полукружни и служат како одлична изолација од влага. Тврдината била изградена кога во градот имало 30.000 турски аскер. Тврдината ја изградиле врвни мајстори од Смилево ѕидајќи ѕид висок 4 метри околу објектите во форма на крст. Легендата кажува дека кога валијата сакал да им плати на мајсторите за работата, тие му рекле дека „За света работа пари не земаме“. Гледајќи од спротивниот рид видел дека објектите се во форма на крст. Мајсторите оставиле и други тајни белези по ѕидовите, кои до денес се сочувани како што е косиот крст изделкан врз ѕидот на објектот од западната страна.

Во некои пишувања стои дека Илинденците во недостиг на барут соработувале со некој стражар или вработен од барутаната кој скришно по тајни канали ги снабдувал и помагал. Објектот преставува една прекрасна убавина со голема историска важност која заслужува да биде зачувана и негувана најдобро што може.