Празничност, торжественост и вознес на најрепрезентативната сцена која ја има нашата земја за презентација на достигнувањата во негувањето на изворниот фолклор од целиот свет. Такви се ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ, кои гордо ги најавувам и се потпишувам за фестивал каде се вкрстуваат културите, различностите, традициите, мелодиите, ритамот, љубовта, танцот, боите, и така сé се слева во една приказна стара 49 години. Приказна топла, силна, истрајна, радосна…
Приказна која буди трепет низ телото, зошто не врзува со прекрасни спомени со кои несвесно сме растеле многу генерации од нашиот град.
Приказна која го буди најубавото и исконското во нас. И ова не е обичен интернационален фестивал.

Во 2017 година, во Индонезија на еден од светските конгреси на CIOFF [Council of International organizations of folklore festivals & folk arts], ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ стануваат сертифициран CIOFF Festival, со што станува еден од вкупно 100 најреномирани фолклорни фестивали ширум светот, исполнувајќи ги тие строги критериуми на оваа светска организација која е официјален партнер на УНЕСКО, акредитирана од неговиот комитет за чување и промовирање на традиционалната култура и фолклор кои се нематеријално светско културно наследство.
Во такво избрано друштво е овој наш фестивал.
Тогаш нека не Ве чуди бројката од 1000 луѓе, од земјата и светот кои ќе дојдат во Битола да ја исполнат со песни и игри.
Од 27 до 31 Јули ќе живееме во ритмите на Мексико, Индија, Русија, Италија, Белгија, Израел, а добро ќе ги препознаеме и сите наши ора и песни, познати и помалку познати, за да се потсетиме дека фолклорот обединува, зближува, и дека не постои поголем амбасадор во светот.
Посакувам бескрајно многу лета за овој најстар фестивал кој живее во нашиот град.

Маја Андоновска Илијевски, директор на НУ ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРА БИТОЛА