Скопскиот маратон е традиционален спортско рекреативен настан кој се одржува на улиците низ Скопје чија примарна цел е масовно поттикнување на маратонското трчање, како и спортот и рекреацијата во глобала. Вообичаено скопскиот маратон се одржува во првата или втората недела во Мај. Се одржуваат неколку трки и тоа:
– на 500м за деца
– 5000 м хуманитарна трка
– штафетна трка
– полумаратон 21,097км
– и главната трка маратон 42,195км.

Оваа година во рамките на маратонската трка се одржа и државното првенство во маратон за 2018 година, каде зедов учество и јас, Маријан Шамоски од Битола, рекреативен атлетичар, вработен во Комерцијална Банка Ад Скопје, која воедно ме поддржа во рамките на овој настан. Сакам да нагласам дека ова е мое прво маратонско искуство (42.195 км) кое го завршив за 3:43:51 (chip time). Досега имам учествувано и на Охридскиот Атлетски Маратон 30 км (релација Св.Наум – Охрид Центар), како и многу полумаратони 21.097км, и тоа: Скопски маратон 2016, Скопски маратон 2017, Трчаме кон целта Скопје, Шри Чин Мој Скопје, City Park Night 21 Скопје, Стара Загора Бугарија, Сарајево БиХ, Врање Србија и многу други. Исто така сум учесник и на трки од 10км (Skopje Run), како и на трките од 5км организирани од NRC – Run Club.
Сакам да потенцирам дека моја голема желба е атлетиката во Битола да се издигне на повисоко ниво и се повеќе млади и возрасни активно да трчаат и да земаат учество на вакви тркачки настани. Би бил многу среќен доколку еден ден Битола биде организатор на еден ваков спортски настан”-завршува битолчанецот Маријан.

Од нас честитки Маријан и да се надеваме дека и битолските власти ќе изнајдат начин вакви настани повторно да има и во нашиот град, како што имаше некогаш…