​Секоја куќа во Битола си има своја приказна,а битолчани најмногу си ги сакаат приказните за старите и познати куќи во Битола.Куќи и градби кои на сите нас по нешто ни значат,бидејќи истите ите како се важен дел од нашето славно Конзулско минато и наследство.

Тие градби кои сите ние си ги сакаме како “свои”. 

Една од нив,од тие грандиозни куќи во центарот на Битола е куќата каде живеел големиот трговец Михаил Мацали а подоцна и еден од најпознатите доктори во Битола неговиот син д-р Константин Мацали.

Фамилија Мацали имале потекло од Николица, Албанија и биле Власи кои по протерување од тамошниот режим се доселуваат во Крушево. Од таму доаѓаат тука во Битола бидејќи тогаш таа била во својот најголем трговски подем и расцут. Доаѓаат во центарот на градот на ул.Кирил и Методиј на самата улица на Конзулатите.

Михаил Мацали бил истакнат член на крушевската заедница кој имаше четири деца Константин, Киро,Зица и Стерјо. Браќата Мацали заедно живееја во познатата куќа на Кирил и Методиј бр. 14, градена на почетокот на 20ти век поточно во 1902.

Киро си беше трговец, имаше деца Михали (Минго, татко на Рика), Елпиники (мајка на Фанула Папазоглу-позната битолчанка и еминентен археолог ) и Темистокли.

Зица имаше четири деца.

Константин заврши медицина во Атина, беше и предавач и доктор во спиталјето,еден од постарите битолски лекари кој работел при крајот на XIX и XX век .Од аптекарскиот дневник на Рајна Алексиќ се гледа дека работел во периодот од 1889 до 1913 г. што не значи дека не бил лекар и пред таа година.Покрај приватната пракса работел и во болницата  ” Благовештение” (извор Бојаџиевски “Здравството во Битола”)

Бил женет за Викторија Арвали од Атина, со која ги имаше децата Михаил, Александар и Фани.Откако умре Mинго Мацали  се преселија и живееја во куќа на Поликсена Гогу од семејството од неговата жена,по што и се губат трагите за оваа некогашна голема фамилија.

Тие ја имаа една од највеликодушните градби во нашата Битола градена во барок.Сега таму во неа се наоѓаат канцеларии од една државна институција спрема кој искажуваме голема благодарност за нивната помош и срдечност во откривањето на нашите “заборавени и запрашени” делови од Стара Битола. Куќата сега е предмет на денационализација и е многу неизвесно нејзиното враќање,бидејќи наследниците ја немаат потребната документација за враќање и се во спор со државата.

Овие години градбата била на ред за реновирање но кога започнала постапката за денационализација истата прекинала се до моментот на нејзино расчистување на сопственоста.Куќата храбро ја преживеја Првата и Втората Светска Војна.

Сите големи,грандиозни и убави стари куќи во Битола ја делат истата судбина помеѓу себе.Една тажна судбина од некогашен раскош,восхит и сјај до нивното насилно одземање и денешен распад и негрижа,пајажина и прашина.Тажна судбина која најповеќе ја почуствуваа нивните стари газди,големите битолски еснафџии кои сигурно мака мачеле низ годините да ги подигнат и со тоа да го украсат нашиот град,давајќи и душа и величествена убавина,која нажалост се помалку ја има во Битола.

Понекогаш се загледуваме во нив подлабоко и сами се запрашуваме за објектите кои се градат во нивна близина,кои се од стакло или личат на лего коцки,како еден битолчанец што милува да кажи “личат како кибритчина”,во Старото градско јадро,дали е подобро истото такво градење да се забрани и секоја нова градба да биде налик на старите каква што е и душата на Битола? 

Едно големо прашање со кое можеби еднаш засекогаш ќе се стави крај на измешаните стилови и да се воведи еден стандард за секој оној кој ќе сака понатаму да гради тука во Старото градско јадро,тоа да биде налик на некогашна Конзулска Битола.

Можело пред сто години,сигурно може и сега? 

Нели битолчани?