Сега кај што е галеријата за слики беше работилница на “Сингер” машини за шиење, шефица беше тетка Аделка од Словенија и мојата мајка… Јас им бев омилен детски модел и носев многу убави фустанчиња шиени по шалоните на “Бурда моден” германско списание од модата… Тетка Блага која изработуваше прекрасни украсни перничиња од сатен… Чичко Јанко слаткарот, фамилијата на чичко Борис пожарникарот, фамилијата на шеќерџиите, карши училиштето Коле Канински имаше фурна кај што ги носевме зелниците и тепсиите со турлитава со бамја, боранија и секако телешко месо. За Велигден носевме јагнешко месо да се испечи…. На ќошето десно од Камен мост беше продавницата”Краш”каде се засладувавме со млечни чоколади, чоколади со лешници, вкусните свилени бомбони… Куќата на чичко Ристо… Татко на докторката по очни болести Лиле. Се сеќавам на реката Курделес, на ладните зими и снегови во висина од еден метар,на лизгалиштето на замрзнатата река од Камен мост надолу до железното мовче, црвените образи од студ и насмеаните детски лица… Кога беше топло игравме челик…чомак… Полневме вода во стомни од чешмата кај Офицерски дом тропајќи со дрвените налончиња по калдрмата на уличките. Широк Сокак беше поплочен со коцка, и тука беше корзото каде дотерани праевме прошетка и велевме… Ајде уште по една штрафт и фајрон сиктер по дома сурија од другари и другарки од нашето маало…. Сега сме во трето доба, а сеќавањата останаа вечни незаборавни ….. А, радост не се запишува таа останува во срцето… Заклучена…

Сеќавања на една битолчанка од кај Камен Мост…

Сите ваши спомени и мемоари можете слободно да ни ги пишете во инбокс на страната на Бабам Битола и Градот на Конзулите,или на емаил [email protected] и ние ќе ги објавиме.Ви благодариме битолчани…