Следниот вторник на 10 октомври во 18.30 часот во спортската сала „Младост“ во Битола ќе се одигра ракометен дуел на ветераните на Пелистер и македонската репрезентација. На иницијатива на дел од ракометните легенди како Пепи Манасков и Златко Димитровски, една златна генерација која ги направи првите чекори и на националниот тим во раните деведесетти, ќе се собере и ќе приреди голема забава за љубителите на ракометот.

Пепи Манасков, кој блесна и направи ракометно име во Битола, овој пат ќе ја предводи репрезетацијата на Македонија. На спротивната страна Пелистер ќе биде преполн со ѕвезди од неколку генерации. Потврдено е учеството на Стевче Стефановски, Зоран Атанасовски, Златко Димитровски, Стевче Алушовски, Абдула Јусуфовски, Кире Поповски, Игор Николовски, Александар Зарков, Петко Босеовски, Кире Атанасовски, Душан Новокмет, Наумче Мојсовски и Сашо Јанкуловски.

Поканети се и Слободан Николиќ и Александар Мирзамамедов, а на клупата на „зелените“ ќе седне најтрофејниот македонски тренер, Цане Крстевски. Се најавува полна сала во Битола, големо дружење и потсетување на едно убаво време на ракометот во најракометниот град.  

Извор и фото Гол.мк