Највпечатливо пред Бадник било во Битола. Таму најмладите, се разбира, со помош на повозрасните, со особена љубов и радост правеле мала пештера, која ја симболизирала Витлеемската пештера, и собрани во дружини ја носеле пештерата од куќа во куќа, тропајќи со дрвено чеканче по вратите и со песна возвестувајќи им на сите за Овоплотувањето на Божјото Слово. Битола, која некогаш била вистински пример за христијанската соборност и каде, поради многубројните цркви и манастири, животот прилегал на вистинска манастирска заедница, со особена ревност ја негувала оваа убава традиција. Можеби и затоа таа остана како единствен град во нашата земја каде ваквото навестување на Божик се задржало и ден денес, макар што тоа е само бледа сенка на некогашното торжество. И денес во Битола може да се види како дечињата, собрани во своите маали, прават импровизирани пештери т.н. ’спилеони‘, украсени со икони на Рождеството, свеќички, кандила…

 Самиот збор ’спилеон‘ сведочи за старото, византиско потекло на оваа традиција, бидејќи доаѓа од старогрчкиот збор ’τό σπήλαιον‘, што во превод значи ’пештера‘. Но за жал, поради губењето на соборниот живот во Црквата Христова, се изгубила духовната димензија и на ова славење, кое произлегувало од светопреданиското православно наследство, и освен што било израз на радосниот Божикен дух, ги поттикнувало жителите и кон вистинско христијанско милосрдие – вредните домаќинки правеле посни колачиња во вид на бебе, како символ за Богомладенецот, а некои имале обичај да подаруваат и парички, кои подоцна се разделувале на сиромашните семејства и на храмовите Божји.