Битола. 3 април 1957 г.

Фабриката за фрижидери и разладни уреди „Ѓорги Наумов” во Битола деновиве започна со редовно производство на апсорпционите фрижидери за домашна употреба по лиценцата на шведската фирма, “Болиндерс“. До крајот на јуни ќе бидат изработени 500 вакви фрижидери со зафатнина од 70 литри. Цената на овие производи ќе се движи околу илјада динари по литар.
Карактеристично е дека овие фрижидери се единствени суптропски апсорпциони фрижидери за домашна употреба, што на 40 степени над нулата прават 1.200 грама мраз за 24 часа и одржуваат температура во долапот на 9 степени над нулата. На 30 степени над нулата, што е за наши прилики разбирливо, овие фрижидери произведуваат 1.600 грама мраз, а внатрешната температура на долапот се движи околу 5 степени над нулата.

Предимството на фрижидерите што ги изработува фабриката во Битола е тоа што, релативно и практично земено, тие не се расипуваат, бидејќи нема што да се расипе. Фабриката дава гаранција за пет години. Но главниот инжињер истакна дека може да се даде гаранција и за 50 години. Oвие фрижидери работат бешумно и автоматски се вклучуваат и исклучуваат. Досега Фабриката изработи 50 фрижидери.

За фрижидерите од Битола се заинтересирани и повеќе странски фирми.

Нова Македонија