Дојди ми во ноќва ѕвездена
Ти мераку мој Битолски
Тивко запеј серенада
Пенџере ќе отворам скришем
Скриена зад перде плетено, копринено
со тивок воздив момински ќе те гледам
Меракот ми е голем по тебе
а твојот е пуст по мене
Се гушам во солзи, течат тие
а ти ми пееш серенада
Паларија в раце држиш трепетни
со љубов име пееш низ стихови – мое
Сакам да излезам на балкунот стар
лице да ти видам, бакнеж да испратам
Но, не – оди си
Мене сношти ме свршија либе
за човек од конзулски сој
Јас не сакам злато, ни сарај куќи богати
нит елек срмен, копринен – кога ме е срце празно
Љубов јас немам за него
Таа беше за тебе, одајче мало, топло
кревет страстен – железен
Што ќе ми е кревет огромен,
во балдахини цел завиен
Срце ми ко камен студено, постела мраз замрзнат
Црн фустан од денот ќе облечам
за љубов ќе жалам изгубена
Сарај куќа ќе заклучам, сама ќе се осамам…
Ноќе, дење ќе одам низ него испустен,
ќе седам под дрво широко, во небо ќе гледам високо
Зошто ме дадовте?
Жива ме в земја закопавте
Дух сум што лебди
Чекам во вечност да заминам или да се ослободам
Кај либе мое да поитам, на гради да му заплачам
Сакај ме ти пајтонџијо!
Вози ме по Сокак Широк со пајтонот бел накитен
Невеста твоја да бидам
Тајфа да свири весело
Битола да ја станеме
Да памети ден кога се женеше
Димче пајтонџијата…

image

Песната е од битолчанката Светлана Папачек
и е посветена за Битола.
Повелете сите вие со вашите песни,творби и раскази за Битола,битолчани,стари и понови сеќавања на нашите емаил адреси [email protected] или [email protected].
На Светлана од се срце и благодариме.

Фото печатница Гутенберг