За овој спорт, кој долго е во нокдаун, сѐ уште постои надеж, благодарение на Христо Димитровски, основач на првата боксерска академија, која е единствената спортска школа што работи бесплатно.

Старите боксерски асови Томе Трајковски (74) и Стефан Јанчевски (71), по 45 години, повторно се сретнаа во рингот на Боксерскиот клуб „Пелистер“ во Битола, за да придонесат во афирмацијата на некогаш популарниот спорт во градот на Конзулите. Славните боксерски имиња, зачетници на боксот во овој град, сега тренери во странство, не ги вкрстија ракавиците, но ја прераскажаа приказната за почетоците на овој спорт, кој некогаш беше многу популарен во градот под Пелистер.

Трајковски и Јанчевски, кои многу години живеат во САД и во Шведска, потсетија на времињата кога битолчани живееле за боксот, кога имало сиромаштија поголема од денешната, но и богатство од ентузијазам.

Тие открија дека рингот за првите боксерски борби не бил во спортски сали, туку во печатницата „Киро Дандаро“, каде што во доцните саати од третата смена, меѓу бучните машини и купиштата хартии, почнала првата рунда на овој спорт.

Ретко кој би поверувал дека боксот настана во печатницата. Но, ако се земе предвид дека тоа се случуваше по ослободувањето, во време кога владееше голема сиромаштија, печатницата беше „најсоодветно“ место оти имаше многу хартија. Со неа си ги виткавме рацете, замислувајќи дека се боксерски ракавици и така боксувавме меѓу себе – раскажа Трајковски.

Но, откако за ова „печатарско“ хоби почнало да се арчи многу хартија, директорот на печатницата Боро Алтипармак им набавил од Белград вистински боксерски ракавици.

Бидејќи во тоа време немало ракометни и кошаркарски клубови, боксот и фудбалот биле единствената спортска занимација на битолчани. Салата на киното „Трудбеник“, каде што во тоа време се организирале натпреварите, секогаш била преполна, а во публиката имало и деца и постари жени.

Речиси немаше млад човек што не сакаше да стане боксер. Не за пари, туку за популарност. Го имавме градот на дланка. Но, државата не ни даваше ни динарче за успесите што му ги донесувавме на клубот. Работевме во беда и сиромаштија, условите не ни дозволуваа ни да се храниме како што треба. Бидејќи во боксот се важни килограмите, ако требаше да дополниме половина килограм за натпревар, се подувавме со блага вода – се присетува Јанчевски.

Се случило некогаш неговиот другар да треба да загуби килограм пред важен натпревар. Тој два дена не јадел ништо, а кога на крај побарал со купоните од Боксерскиот клуб во мензата да добие репете, му рекле дека рокот на важење им истекол.

– Во животот никогаш не ми паднало потешко. Од секој натпревар, со години на клубот му носев по два поена и на крај по мечот ме оставија жив гладен. Буричнав во џебот и извадив два-триесет динари со кои купив едно парче леб и чаша јогурт. Така залебив душа – вели Трајковски.

Тоа ги натерало да ја напуштат родната земја и да заминат во странство, каде што денес се успешни тренери.

По нивното заминување битолскиот бокс имал уште неколку златни моменти благодарение на ентузијастот и нивен следбеник Христо Димитровски. Тој, како шеф на стручниот штаб на БК „Пелистер“, успеа при крајот на 80-тите години од минатиот век во Битола да ги донесе познатите боксери Серж Буемба од Габон и Руид Каника од Заир. Битола во тоа време беше единствениот град во Македонија, чиј боксерски клуб се натпреваруваше во тогашната југословенска лига.

Потоа се сменија времињата. Со осамостојувањето се стесна кругот на спортски клубови, државата не финансираше во зачувувањето на некогаш популарниот бокс, стопанствениците го изгубија слухот да донираат, се јавија проблеми со спортските сали, затоплувањето… Сето тоа му нанесе серија нокдауни на битолскиот бокс – велат љубителите на овој спорт.

Денес се одржуваат само регионални натпревари, кои се многу далеку од некогашните жешки боксерски ноќи. Но, за боксот се’ уште постои надеж, благодарение на првата боксерска академија, чиј основач е токму Димитровски. Таа е единствената спортска школа во градот чие посетување е бесплатно.

– Сигурен сум дека меѓу децата што тренираат ќе се појават нови Томчевци и Стефановци, кои ќе и’ го вратат сјајот на боксерска Битола – оптимист е тренерот Димитровски.

Извор Дневник и Битола стари фотографии