Со сукан мазник со паричка и со познатите битолски бабари жителите на градот под Пелистер го одбележуваат доаѓањето на т.н. православна Нова година, како и празникот Св. Василиј Велики, познат меѓу народот како Василица. На 14 јануари, за ручек, мазник со паричка се врти во сите православни куќи. Се јадат домашни колбаси, се игра комар и се пеат староградски песни до рано изутрина.

Мазникот со паричката

За ручек, мазник со паричка ќе се врти во многу домаќинства, а потоа ќе се подели на делови колку што има членови во семејството, еден за господ и плус еден за куќата.

Оваа традиција во Битола се негува со децении. Но, во последните години битолските домаќинки го менуваат обичајот и од семеен- Василица стана празник што се слави по кафеани. За разлика од другите градови каде што паричка во леб се крши за Бадник, битолчани го прават тоа на Василица. Домаќинката го сука мазникот и го дели на онолку луѓе колку што има на масата.Најстариот во фамилијата го врти трипати во правец на стрелките на часовникот.

Ноќите спроти Василица, на 12 и 13 вртат друштвата. По вртењето на мазникот, се јадат домашни колбаси и се пие домашно вино. Оној најсреќниот го фрла првиот зар и почнува коцкањето. А потоа се завршува со песна и оро до рано наутро. „Комар се игра на ситно, колку да си ја испробаме среќата. Играат и мажи и жени. Играта и песната не’ занесуваат“, велат битолчани. Сепак, иако Василица е празник кој по традиција се одбележува во домашна атмосфера, собирањата на големите друштва им направија дополнителни обврски на битолските домаќинки, па под нивни притисок Василица веќе неколку години масовно се слави низ битолските кафеани.Со домаќинлукот- на оној кој ќе му се падне паричката- тој е наредна година домаќинот- а со тоа кружи и една анегдота. Ако не сакаш да бидеш домаќин- голтни ја паричката.Битолчани ,,вртат мазник“ на денот на Василица и на своите работни места, по институциите, чаршијата, фабриките…

Насекаде се прославува со традиционалниот мазник, а нема пекара во Битола да нема мазник на тој ден и тоа со паричка. Грубо се споменува бројка од околу 40.000 мазници. За среќниот добитник на парето сите кои се присутни оставаат пари.
Каде има Битолчани се пренесува оваа традиција, така е и во Америка, Европа, Австралија и насекаде по дијаспората.         Битолчаните од дијаспората прославите на Стара Нова Година и Василица истотака ги прославуваат во ресторани и си организираат и мазници со паричка.

Нека е за многу години битолчани, каде и да сте!