Екипата на Пелистер се соочува со голема криза и е на работ на испаѓање од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Сите играчи го напуштија бродот кој тоне поради финансиски колапс, а со свој став се огласија навивачката група „Чкембари“, верната сенка на пелистерци низ историјата.

Навивачите апелираат до Општина Битола да ги побара долговите на претходниците преку судски пат ако се не се реши како што треба и велат дека не смее да се дозволи Пелистер од Куп-освојувач пак да стане второлигаш.

Во продолжение, прочирајте го соопштението на „Чкембарите“:
„Да не се дозволи распад на ФК Пелистер, да не дозволиме да се повтори историјата, од Куп-победници до второлигаши или пак не дај Боже исфрлање на клубот во четвртата лига. Општина Битола, ако останатите акционери во клубот не сакаат да си ги исполнат нивните обврски, ве охрабруваме истите да си ги побарате по судски пат. Не може некој да се луксузира и да купува мерцедеси од по 100.000 евра, а истовремено да си поигрува со спортската гордост на еден цел град. Исто така сакаме да ве известиме дека Н.Г. „Чкембари“ нема да седи настрана и немо да ги следи овие случувања. Пелистерка, ЗИК Пелагонија, Жито Битола, завршете си ги своите обврски спрема клубот, да не не можите да си ги завршите вашите основни дејности“, стои во соопштението.

 Општина Битола до утре даде рок за решавање на кризата, со подмирување на заостанатите долгови.

Извор Гол.мк