​Тумбе Кафе беше атракција за битолчани. Со черџиња, јадење одеа фамилијарно на излет. Во вечерните саати во кафеаната со жива музика се дружеа брачни двојќи, вљубени парови, или на чашка другарски вечери. Љупчо на Паца од нашето маало свиреше на виолина.

Во недела навечер, одевме догоре по вртените скалички до платото од кафеаната. Штом завршеше музиката, од масите собиравме од оставените јадења. Во темницата, парови„чифтови“ водеа љубов. Битолчани жалеа кога се затвори кафеаната. 

Во недела се одржуваа спортски натпревари. Се плаќаше карта за влез да гледаат фудбал во градското игралиште. Многумина следеа спортски настани од височината на Тумбе Кафе. Страствените љубители навиваа и со овации го проследуваа секој даден гол. Безброј настани и случки доживуваа на нашето Тумбе Кафе. Мирисот на јоргованите, во лилавкасто сина боја, кога ќе замирисаат во пролет, ме потсетуваат на деновите кога имаше расцветани јорговани цело Тумбе Кафе. Многу љубовни врски тука завршија со брак или со разделба. Споменот го носат со восхит, бидејќи е нераскинлив дел од едно минато. Тоа Тумбе Кафе и денес како паметник го споменуваат старите битолчани.

На излети одевме во Кисела Вода, Крстоар, по манастирите околу градот. Кога ќе се договоравме за екскурзија од училиште, или излет, се радувавме на парчето салама, сирење, младо кромитче, лукче, поготово за излетите на 2–ри мај. 
Први мај се празнуваше како ден на трудот. Најблиска дестинација, освен Тумбе Кафе, беше Кисела Вода. Ливадата беше посланица од народ. Кисела Вода имаше чешми од кои непрекинато течеше кисела вода во корито од мермер. Се слегуваше низ стрмно спуштените скали. Многу битолчани, кисела вода полнеа во тамиџани носејќи ја дома. Над чешмите кратко време имаше кафеана. Во непосредна близина беше Сребрена Вода за која веруваа дека е лековита. Кисела Вода, оставена на забот на времето, ја затворија. Пред неколку години испарувањето на моноксид однесе млад живот. 

Помладите не знаат дека Кисела Вода постоела…

ЉИЉАНА ДИЈАКОВА ТОМИЧИЌ • “ОГЛЕДАЛО НА ЖИВОТОТ”