Базенот во Дихово беше местото каде одевме скоро секој ден на капење, во пазувите на Баба планина. Одевме пешки претежно низ селата Лавци или Брусник по земјениот пат, понекогаш со точаците “пони” по асвалтот кој води за с.Дихово а понекогаш и под убавите сенки кои се распослани по стариот пат од камен кој е покрај самата Диовска река, покрај капејнците Бриони и стигнувавме до базенот во Дихово. 

Од убавите времиња, Дихово на базен

Циментиран мал базен со сино обоени скали за влегување. Водата влегуваше од една голема и широка цевка која беше на десната страна, во поплиткото од базенот, вода која доаѓаше од реката Сапунчица и која стално беше “камен ладна” како што знаат битолчани да ја наречат. Секогаш се чудевме зошто барем на кратко водата не биде запрена и барем еден ден да биде затоплена како што треба, но тоа не се случи. Сигурно од хигиенски причини беше така. Да има проток постојано. Паметам чекавме сонцето да дојди високо најгоре над хоризонтот, за да почниме еден по еден да влегуваме во ладата вода од базенот. Деца, “штипикурци” како што знаеја да не наречат нашите баби… 

Се тресевме како лист, скала по скала дури да влезиме цели во водата, пливаме до два, три пати по средината на базенот и излегуваме одма надвор легнувајќи на вжештеното цименто, малце да собериме душа. Освежени. Тука имаше кафанче со неколку маси и столици, околу базенот имаше и сенки под кои по цел ден се играше бељот и макао. Се гризеше пиперка, домат, леб и сирење и с’е за душа ни се фаќаше. Постарите во текот на попладневните саати со залет се затрчуваа и скокаа во базенот од страната на кафанчето. Е за тоа требаше знаење и храброст. Имаше по некој и кожа малце ќе одереше ама немаше гајле. Повеќето беја прецизни.
 Како што паметам имавме и една симпатија диовчанка, секој ден беше таму, Христина или Кристина се викаше, многу лично девојче. Можеби и затоа одевме секој ден таму. На крајот разбравме се мажи за некој во Данска. Како и повеќето убај чупиња од Битола…

 Денес базенот во Дихово е во навистина жалосна состојба. Не дека ние битолчани везден сега ќе одевме таму, туку ете онака, како и се друго од кабадајлук сами ќе си го запустиме.

Култното бифе “Црвени петли”

Регистрирано далечната 1968 г. како бифе со скара „Црвени петли“ во месноста на село Дихово, на Угостителското претпријатие „Македонија“ од Битола. Предмет на работењето на бифето било вршење угостителски услуги со точење на алкохолни и безалкохолни пијалоци, приготвување на едноставни претежно ладни јадења, како и сите видови месни производи подготвени на скара. Раководител на бифето бил Цветановски Вангел и било под Угостителското претпријатие „Македонија“ од Битола.

Последно со него раководело некое приватно лице и послем еден голем пожар кој бил под сомнителни околности, станува пепел и не останува ништо од него. 

Останаа само спомените за познатото бифе “Црвени петли”, ладната камен, диовска вода, бељотот и сунчањето како гуштери на чименто, како и за Христина, најубото чупе од Дио…