До средината на XIX век Драгорот имал непостојан тек,нерегулиран и променлив водотек, па отклонувајќи лево и десно, формирал бројни блатишта, како во градот,уште повеќе под градот. Ваквите непредвидливи и чести екскурзии ги меморирале народните преданија, ги регистрирале хрониките, а ги потврдија и најновите археолошки истражувања.Градбата на камените брегови (“ѕидови” според битолската терминологија) и регулирањето на водотекот оди во етапи и трае со децении. За османската власт од XIX век, која валијатските објекти беше ги лоцирала околу Драгорот, кротењето и регулирањето стана една од примарните задачи.

11391518_1434841306825277_1632511489309763333_n
Почетоците веќе се познати, поврзани се со везирот Дарбухар Решид-паша и со Англичанецот Едмунд Спенсер. Годината на стартот е 1850.Идејата и поттикот ја дал Англичанецот.
Бил воено лице,по чин капетан. Пропатувал многу низ Ориентот,најверојатно заради разузнавачки цели, дошол и престојувал и во Македонија. Во Битола и во Струга имал средби со Робевци и со Димитрија Миладинов.

11377305_1434841070158634_7143691702543221563_n
Повикан бил да потпомогне во модернизирањето на османлиската војска заради што извесно време се задржал во центарот на Третата воена армија, во Битола.Уште при првата обиколка на воените објекти, меѓу другите и на воената болница, останал вџашен од огромниот број заболени војници од грозница. Не му било тешко да заклучи дека виновникот се крие во блатиштата, посебно во оние покрај касарните.Претпоставките им ги изложил на неколкумината германски и италијански медицинари кои се наоѓале на работа во Битола и кои, како што известува, ги прифатиле како сосема рационални. Сакајќи да помогне, идејата за нивно исушување му ја изложил и на везирот, но, знаејќи со каков ков луѓе има работа, го направил тоа со такт и со мала итрина. ,,Благо му ја навестив можноста, вели, дека и самиот тој великан би можел да биде жртва,,. Престрашениот и испаничен османлија се фатил на јадицата и се вдал на работа.Паднала команда сиот град да се вклучи во дренажните работи и во подигањето на бреговите. Сите, ,,и дебелите граѓани меѓу рајата и мрзливите Турци, Евреите,Ерменците, кои никогаш дотогаш не фатиле лопата во раката, можеа да се видат како копаат дренажи,,,регистрира воодушевениот Англичанец во својот патопис. Се носеле цигли и камења, се правел малтер и се ѕидало коритото. Градежниот залет бил таков што започнале и непланирани, додатни активности,поплочување на улици, отстранување месарски остави и други нечистотии, со еден збор, отпочнал крупен и многу значаен потфат.

11377160_1434841426825265_3741661575605861604_n (1)
Акцијава стана образец како со заеднички напори и со добра организација можат да се добијат резултати на дела од општа полза. Бидејќи патот Битола – Солун бил крајно руиниран, во 1858 година се донесе решение и тој да се реконструира.
Каде се подигнати првите метри од ѕидовите на Драгорот, останува непознато. Би било сфатливо да биле онаму каде се наоѓале административните згради
и резиденциите, односно од Црн мост до Сарајот.Меѓутоа, од извештајот на Спенсер може посредно да се заклучи дека биле од левата страна, под денешниот Безистен, каде што се создавале и најголемите градски блата.Следните метри се подигаат етапно и тоа трае до крајот на XIX, односно до почетокот на XX век. Спиридон Гопчевиќ, кој ја посетил Битола пред 1890 година известува дека во горниот тек веќе биле подигнати.Француската топографска карта, која потекнува од крајот на XIX или од почетокот на XX век, го потврдува тоа, со дополнение дека се изведени до Прилепското Џаде.Разгледниците од османскиот период придодаваат уште некои сознанија.Една, во боја, веројатно од почетокот на XX век, која го регистрира Црн мост, онаму каде водената струја врти вдесно и силно удира во брегот, открива дека на тоа место подигнат бил ѕид од обработени камења. Друга,која е снимена при престојот на султанот Решад V (1911), потврдува дека ѕидовите пред Стариот сарај се финализирани и дека тоа е изведено со камени коцки и со речен гранит.Со сигурност се знае дека во 1913 година бреговите се докрај изведени, освен оние под Прилепското Џаде. Тоа го открива д-р Јевто Дедијер.

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here