Ајварот е омилен македонски традиционален производ од пиперки со кој се одбележува почетокот на сезоната есен/зима. Септември е месец кога низ секоја уличка низ градот се шири мирисот на печена пиперка и на ајвар. Ајварот е познат како идеален придружник на ладното време, тоа е храна која е уникатна и посебна. Производи кои се слични на ајвар (кои јас ги нарекувам браќа на ајварот) се малиџано и лутеница, исто така многу популарни производи од ова поднебје.

 

Подготовката на ајварот е малку компицирана, но тотално вредна за трудот! Секое домаќинство различно го подготвува ајварот, така што е тешко е да се најдат 2 идентични вкуса. Ајварот е едноставен, а изобилува со богат и уникатен вкус, а во комбинација со топол леб и сирење е совршен. Рецептот е за 20 килограми пиперки, но дозата може да се намали или зголеми пропорционално.


Состојки:

  • 20 кг црвени пиперки
  • 10 парчиња модар патлиџан
  • 2 литри масло за јадење
  • 200 гр шеќер
  • 200 ml вински оцет
  • сол по вкус
  • Подготовка: 

    1. Се печат пиперките, се лупат и чистат од семето. Оставете ги да се ладат и убаво да се исцедат.
    2. После пиперките, испечете ги модрите патлиџани, излупете ги и исцедете ги. После неколку часа цедење, сомелете ги исцедените пиперки и модри патлиџани на машина за мелење месо и ставете ја смесата во големо тенџере за да почне да се пржи. Додадете оцет и шеќер и промешајте.
    3. Пржете го ајварот околу 30 минути. Мешајте постојано со голема дрвена лажица и по 30 минути постепено додадете го маслото и мешајте. Имајте на ум дека маслото не треба да биде видливо на површината. Пржете го ајварот уште 1 час.
    4. Посолете по вкус дваесет минути пред крајот.
    5. Како да знаете дали ајварот е готов? Додека мешате, ако вашата дрвена лажица остава трага на дното, така што ќе можете да го видите дното на тенџерето, тогаш знаете дека ајварот е готов. Генерално времето за пржење треба да биде околу 90 минути.
    6. Подгответе ги теглите додека ајварот уште се пржи, загрејте ја рерната на 50 степени и ставете ги теглите внатре.Жешкиот ајвар се става во топлите тегли. Веднаш затворете ги теглите и стегнете ги капаците за да се направи вакум. Чувајте ги теглите на темно место.
    7. Домашниот ајвар е спремен за јадење! Земете парче сирење и топол леб и уживајте! 

 

 

Leave a Reply