Хумористичен текст на Виктор А.К.А. Башлак од Битола, бабам Битола, кој го прашафме: Виктор можи да го превзејме тексто?… Можи слободно рече, терајте…

 И така ојме оригинално 😊:

Во македонската култура постојат неколку опсесии, покрај мојте омилени опсесии со ракијата, ајваро, зимницата и со виното има и една која не наоѓа многу разбирање кај мене, а то се дрвата. 

Ко ќе дојдат дрвата то ти е општа мобилизација прво на цела фамилија, а богами и мобилизација на комшиите. 

Ко ќе му се собериме удри мани за два-три саати, 12 кубици средени и спремни за горење. 

Ама не е то проблем. 

Проблемо е шо ко ќе дојдат дрвата треба да се запазат неколку фази, кој до пред некое време мислев дека ги има во сите религиозни книги, стар завет, нов завет, а и во курано. 

Исто така мислев дека овие Јеховини сведоци шо шетат подома, идат и ти дават инструкци како да ги средиш дрвата.

 Најпрва фаза. Домаќинска куќа дрва порачва уште од Април-Мај, се плаќат цела година на рати, преку пензиското или преку РЕК и цело време си во неизвесност кога ќе стигнат и шо класа ќе бидат дрвата. 

Целата неизвесност завршва со идењето на дрвата, а само дрвата и смртта идат тогаш кога најмалку очекуваш . 

Уште во растоварањето веќе е јасно која класа се дрвата. Обавезно за децата шо растоварат дрва се купва сок од најевтинио или кисела вода. 

Втора фаза и најбитна. Ако дрвата се прва класа или уште поубо, ако си платил за втора, а ти донесле дрва за прва класа ( Не ги научив класите па ете ) тогаш препорачливо е да ги наредиш во дворо или пред куќа на пато, ден два да поседат комшиите малку да ги гледат и да се фалиш. 

Ако се дрвата полоши викај ги сечачите и нека ги сечат одма. 

Обично сечењето е 150 денари од кубик, а сосе цепење и редење е 250 ден. 

Многу ретко кој ја користи втората тарифа, оти не дека за парите, туку не е то то. 

Трета фаза  е, да ги зафркниш сечачите. Ако има 12 кубици, ти да му речиш дека се 10, за да поминиш со поевтино, не дека многу ќе заштедиш, туку за да се фалиш кај комшиите дека си ги зафркнал сечачите, кој обично немат 15 минути сколија двата заедно, а математика, бројките не ги познават. Значи многу тешко е да ги зафркниш за 200 денари. Аххххх. 

Четврта фаза. Откако ќе се исечат дрвата, почнува мобилизацијата, тројца цепат, двајца фрлат, другите се кријат и само еден смеј да реди. Дрвата треба да бидат наредени под конец во камарите или ако немате камари, тогаш мора да се внимава уште поќе, како синкир тетрис да играш. Жените мора да бидат тука, не дека има работа за нив ама за дотур на салатата и ракијата, а исто така мора да се собира талашо од ослободенио дел од улицата, за да можат колите да врват. 

Спектаклот завршва со четвртата фаза, кога дрвата ќе биат наредени, а секој од учесниците мора да ги види како се наредени и да речат бравос, убо наредени, а петтата фаза трај цела година дури не дој време да се порачат нови дрва. 

Петтата фаза е само фалење и пцуење по шумското како лани ги закаснале и ги дојсле дрвата ко не сме очекувале, како дрвата ги наредил мајсторо па не мрднале, како ги зафркнал сечачите за два кубици и како дрвата биле прва лига. 

Препораки. Купвајте дрва пред избори, можи ќе лапните без пари од некоја партија. Секирите клајте ги од предходнио ден во вода. И најбитна препорака, убо запамтете ги комшиите шо не дојдоја напомош, за и вие да не му одите ко ќе му дојдат нив дрвата. 

И само за крај. Домаќин чоек порачва од 12 кубици 8 Даб, а 4 Бука, за поќе жар да држи оти Дабо бега побрзо !!! 

Европска Унија ???  Сепак мислам не ….

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here