Битола, градот на моето детство, на мојата младост и на мојата зрелост.

Можам ли да не го сакам?

Чувствата за градот се поврзани со мирисот на липите на градското шеталиште во пролет. Во лето пријатното Пелистерско ветерче ги освежува летните ноќи, после жештините на денот и му дава на градот посебен белег и посебно расположение.

Гордана Стаматова
BITOLA TOUR GUIDE / ПРЕВЗЕМЕТЕ ТУКА _____________________________________________________________________________________

Разновидноста на боите на околните ридови во есен, ја дополнува романтичната слика на градот. Убавиот голем парк, кој е гордост на градот, беше наше главно место на веселење и дебатирање на разни теми, по напорните часови во училиштето.

Ме врзува сеќавањето на Битолскиот стар театар, на претставите кои беа изведувани, но тој е сега имагинарен споменик на едно време.

Не можам да не го споменам познатото битолско корзо. Шетачите секоја вечер се движеа во одредени простори, а местото на движење беше одредено по непишана хиерархија, спрема возраста на шетачите. Таму се ширеа познанства, се договараа излети, состаноци, се одбираа симпатии.

Најубавите години од мојата младост ги поминав во Гимназијата покрај реката Драгор. Тоа беа години исполнети со искрено пријателство кое поставува темели на трајно другарство до овие денови.

И сите овие обележја се само дел од имиџот на мојот сакан град, во кого и снобизмот станува позитивна страна , на најградскиот град во Македонија. Точно заради тоа мислам дека ние битолчани сме нешто посебно, се издвојуваме од другите по она што го носиме во себе, а тоа е културата и восхитот од претходните генерации, со што не препознаваат и респектираат.

Ете, заради тоа ја сакам Битола.

Гордана Стаматова

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here