Имавме среќа да живееме во ново маало каде постојано никнуваа нови згради. А таму жици колку ти душа сака, од сина, жолта, црна па се до челични послаби и подебели. Детството не би било детство доколку не сме спремни да правиме малце беља и палави работи кои што ги правевме со тенгалата на пацки. А тоа обично се случуваше на лето. Најдебелите жици ќе ги обликувавме како чатал во форма на две споени Ч букви и го викавме тенгало (најверојатно поради тоа што на него имаше ластици за тегнење). 

Краевите  на тенгалото ги засекувавме до жицата на 5 милиметри низ кои провиравме ластици. Колку повеќе ластици се имаше толку поопасно беше тенгалото. Долу кај рачката ќе го појачавме со по уште една жица од послабите за да добие поубав лик, а и да се држи поубаво и постабилно. Од секоја жица правевме пацки кои беа во форма на потковица. Шо подебела пацката то попрецизна беше. Немавме никаков промаш. Од нашите браќа и сестри, до нашите другари, кучиња, мачиња, врапчиња. Не одбиравме ништо, само се полнеше муниција и се перкавме по цел ден. Пацки беше полно на секој чекор. Најповеќе пржеја тие подебелите и челичните пацки. Ние поминавме безболно немаше некои повреди или зулуми поголеми. Многу пати од нашите родители ќе ни беше одземено тенгалото, после што се бараа нови ресурси за да се направи ново, уште едно. Требаше да се браниме бидејќи во нашето време “војна со пацки” имаше на секој чекор. Тоа беше нашето најубаво детство и сето ова остана една од заборавените игри на битолчани.

Фото мотика.мк

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here