Лоциран во непосредна близина на Сали Мостот,беше хотел со поголема кафана со сцена за оркестар и соби за ноќевање.Објект кој е изграден во почетокот на 20ти век и кој порано го користела егзархијата како Конституционален клуб и театар.

Место каде за прв пат во Македонската историја се прикажани претставите на големиот Војдан Чернодрински- “Семејството на престапникот” и “Македонска крвава свадба”- “Жетва” на 28 септември 1909 година во Битола.
Според сеќавањата на Марија Чернодринска, забележани од Воислав И. Илиќ, посетата на претставата била масовна:
“На претставата присуствуваа и неколкумина конзули. Имаше и Турци. Салата беше преполна. Меѓутоа, на почетокот на вториот чин, пред кревањето на завесата, погледнав од сцената, отстрана, и со чудење забележав дека многу места во гледалиштето сега се празни. Веднаш му јавив на Војдана. Неколку мига молчеше, неподвижно стоејќи, како закован за штиците. Потоа и самиот погледна дискретно, по што ми дофрли мене и на другите артисти: Претставата ја напуштиле предавниците и непријателите, оние што не ги сакаат нашите идеи. Тие и нека си одат.”
Претставата станала импресивна и опасна. Пораките, зборовите, слегле во салонот, на улиците, во домовите на битолчани и затоа Македонскиот театар на Чернодрински не прикажал реприза.
Марија и Војдан Чернодрински, заедно со Охриѓанецот Пантелеј Куртелов, биле протерани од градот, а групата растурена.
Подоцна салонот станува кино а хотелот го купува господинот Темелко Трајков од Цапари,повратник од Америка од каде хотелот и го добива своето има ГРАНД АМЕРИКА.По кажувањата таму се пуштале филмови уште пред Милтон Манаки да започне со кинопроекциите.
Во 1921 година познатиот Пане Напе од Прилеп го зема како закупец киното и три месеци од 1921 година Напе ќе го „разработува“ тоа битолско кино,но настаните во неговото прилепско кино ќе го примораат да ја напушти Битола и да се врати назад, во Прилеп и да прекини со работа.Оттогаш до сега немаме баш и некои други информации во врска со хотелот кој по се изгледа послем Втората Светска Војна е национализиран и во него се задомиле а сега престојуваат и живеат дури 16 ромски семејства.
Хотелот Гранд Америка има голема важност за Битола како место каде за првпат се одиграле преставите на Чернодрински и едно ако не и првото кино во нашиот крај кое е жалосно да го оставиме незаштитено,а со тоа само по себе да си замине во историјата и да бараме кривица во некој кој сите овие 50-70 год. требаше да го заштити и одржува.