Бјуикот од 1952 г., знаменитост од разгледниците за Битола, за среќа на битолчани повторно вози низ битолските улици. Своевремено сопственост на Аргиро, сопственикот на познатата Аргирица, пекарница на ул.Никола Тесла во Битола.

Бјуикот паркиран кај Саат кулата во Битола со неговиот првобитен изглед

Аргиро беше познат битолски професор, љубител на шах и фудбалер кој уживаше низ битолските улици да биде забележан со неговиот олд тајмер Бјуик Супер Ејт (Buick Super 8), донесен од Америка и направен специјално за југословенски пазар, бидејќи километражот е во километри, а не во милји.

Судбината на Бјуикот долго време беше неизвесна. Во неговото доцна доба тој беше напуштен на нива во нас.Горно Оризари, оставен во многу лоша состојба, без менувач и мотор.

Но никогаш не е доцна… Благодарение на големата љубов на битолчанецот Драган Богевски Попето кон старите олд-тајмери, заедно со ентузијазмот на неговата екипа и пријатели ги добива по порачка оригиналните делови од Америка. Успева да го реставрира и да направи вистинско ремек дело кое денес ни ги краси битолските улици.

Пасијата кон олд-тајмерите за нивно реставрирање и одржување чини многу парични средства, како и многу време, кое го имаат само уметници како Попето. Во нив тие се заљубени “до гуша”, исто како во нивната прва девојка, заради што ги прават беспрекорни и волшебни, а ние уживаме во нивната уметност и убавина…

Вистински магионичари…

Попето и неговата екипа со уште една од низата награди на Car Show во Прилеп

Секоја чест мајсторчиња, Драган Попето, Аце Гагачо, Ване Влашето и компанија…

Ве поздравуваме!