Се ближи Велигден. Неделата пред Велигден вредните домаќинки неуморно ги чистат своите домови, ги средуваат до перфекција. Се украсува секое ќоше, секое катче со најразлични украси, како зајаче, јајца, сено, сонце, корпе.
Претежно во жолта и зелена боја. Убави и свежи бои на пролетта. До Велик Петок.

image

Сите брзаат во последен момент да си купат по нешто и да се разубават со по некое парче панталона или чевла, патика.
Врвулица низ градот. Се прават последните подготовки. Повеќето веќе се стигнати дома од подалеку за заедно со најблиските да го пречекаат овој голем празник. Да го пречекаат Бог во нивниот дом.
Старата битолска традиција е купувањето на новите чевли или во поново време патики за Велигден. Некои од старите битолчани кои сеуште се држат до традицијата и ден денес ја негуваат оваа навика. Битолчани од секогаш важеле за луѓе кои внимаваат како изгледаат,особено кога треба да поминат по Широк сокак, затоа што тогаш сите ги гледаат и коментираат, а особено се внимава на Велигденот, кога буквално сите се излезени. Убај да бидат…

Јагнето по стара традиција се коли во сабота и на фурна се носи во недела, рано наутро, таман, топло и убо испечено за Велигденскиот ручек да биде.
Вечерта во сабота постарите битолчани се во црквите и нивните дворови додека младите подразвеселени од најблиските меани и кафичи, се слеваат како река низ Широк Сокак и доаѓаат кај Саат Кулата, во непосредна близина на црквата св.Димитрија. Сите имаат по едно црвено јајце в џеб и стојат со свеќа запалена. Доцна во ноќта чекаат да се поклопат стрелките во точно 12 часот (00.00ч.),чекаат да започне биењето на камбаните. Заедно сплотени во духот на Христовоте Воскресение,во големата победата на доброто над злото,еден со друг се бакнуваат и прегрнуваат со зборовите “Христос воскресе Вистина воскресе”. Си посакуваат здравје и среќа за цела година по што започнуваат со највеселиот Велигденски обичај  “кршење на јајца”.

Голема веројатност е некој да го искористи овај убав момент и баш тогаш да си ја запроси својата сакана.Само за убо…
Од таму сите насмејани и расположени продолжуваат во најблиските меани, кафани, ноќни клубови и барови играјќи и веселејќи заедно сите, дури да се раздени, до изгрејсонце. Поупорните и поиздржливите изутрината бараат отворена меана за со чорба и уште по некоја жолта,така празнично да продолжат да си се веселат понатаму.
Тие дома што ќе преспијат по станување се мијат лице и натенане се  стокмуваат со нивната нова руба, нова кошула и пантолони, сако, парфем.

Мажот,жената и децата сите во ист тон и во иста мода,дали по фармерки и кошули, панталони или сакоа,правец в црква.
Горно маалци, Баирчани,
и Новобитолчани во св.Димитрија,

image

Гинимаалци и Долномаалци, Карпошани во св.Богородица,

image

…сите јајце да остават и свеќа за здравје да запалат…
И послем тоа се разбира, една гооолема фолта низ Широј Сокак од крај до крај, до Тумбе Кафе, сите парфимирани и дуздисани, прави Конзули.
Од сите страни се слуша “За многу години”, “За многу години среќни и весели”, “Христос воскресе”, “Вистина воскресе”.
Аџамлиите можеби и ќе зачекаат некоја слободна маса и ќе шмркнат по едно каве, ќе фрлат некој “лаф” муабет..Секој со среќата…
По корзирањето правец на ручек, на јагнешко. Кај тато или мама, баба или дедо, или сами во својот дом, рашаран во светлите бои…Мераци…
Поручекта во недела и понеделник помладите одат на гости кај постарите, по јајца, најпрво кај најблиските…Домашните и нунковците…
Убави празнични денови се ближат…
Едни од најубавите кои нестрпливо ги чекаме ние битолчани….Како шо велат постарите…Џанам не е секој ден Велигден…Убајни

Можеби нешто заборавивме..Слободно надоврзете се и додадете…

ЗА МНОГУ ГОДИНИ ПРАЗНИЦИТЕ ДА СЕ !

 

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here