Александар Трпковски е битолчанецот на кој цел свет му се восхитува на неговите фотографии. Роден на 22.12.1988 г. во Битола каде и го поминува поголемиот дел од својот живот и каде ги има најдрагите спомени. Моментално се наоѓа во Австралија каде твори и студира но си признава дека му недостига Битола, му недостигаат најблиските, пријателите, дружбите во паркот, Пелистер и се разбира тостот со салама и кашкавал од кај Бомбата.

Здраво Александар, што значи да се биде фотограф и како започна сето тоа?

BITOLA TOUR GUIDE / ПРЕВЗЕМЕТЕ ТУКА _____________________________________________________________________________________

Најпрво да го поздравам вашиот блог и да се заблагодарам за можноста да зборувам за она што го работам со најмногу љубов и посветеност – фотографијата. Кога ќе се сетам на почетоците, се сеќавам на дедо ми како ми раскажува дека светлината е најбитниот елемент во фотографијата и затоа на изгрејсонце и зајдисонце се доловуваат најубавите пејзажи. Дедо ми Кире (со прекар Ѓаоло) порано беше познат фотограф во Битола и често знаеше да ме земе со себе на Пелистер, да ми раскажува и несвесно да ме вовлече во тој свет. Иако бев дете тие работи некако останаа запаметени. А другиот дел од времето ќе го поминевме во лабораторијата, помагајќи му да ги развие сликите. Сепак, посериозно со фотографијата почнав да се занимавам прeд 4 години, кога се преселив во Австралија. Одвоив средства за да купам професионална опрема и тогаш станав опседнат со тоа.

Па така тоа што се запишало во гените и тоа што сум го учел сликајќи пејсажи со дедо ми, сега го применувам тука во поинаков стил. Каква опрема е потребна и како ги уредуваш сликите? Ќе ги набројам оние што јас ги користам. Моментално тоа се фотоапарати Nikon D7200 и Nikon D800. Бидејќи сликам пејсажи најчесто користам широкоаголен објектив Nikon 17-35mm, но има и ситуации кога 50mm или 80-200mm ми одговараат повеќе. Статив и филтри (ND 10 stops и polarizer) се исто така битeн дел од мојата опрема. Сликите ги обработувам во Adobe Lightroom и Adobe Photoshop, но се служам и со Nik Collection, StarStaX, TK Actions Panel.

Омилена фотографија? Или тешко е да се издвои? Иако сум во Мелбурн, сепак омилена слика ми е таа од Битола кога се вратив во Јануари 2016 година. Овој пејсаж во себе носи приказна за една зимска ноќ во Битола. Сликана од горе, од Кркардаш.

Каде можеме да ги најдеме твоите фотографии? Учествуваш ли на некакви изложби или натпревари? После омилената од Битола, следува фотографијата „The storm has come“ од 2015 година. Кадарот каде невремето и молњите се проближуваат над Мелбурн, е момент кој што мислам дека нема да имам шанса да го повторам. Иако не сум голем љубител на црно-бела фотографија, оваа слика претставува исклучок. Истата слика беше објавена во две познати списанија Digital Camera World и Australian Photographer, а исто така освоив прва награта на натпреварот Weather во списанието Australian Photographer. Покрај оваа награда, фотографијата од изгрејсонцето од Uluru во централна Австралија, беше избрана како финалист во категоријата слика на месецот во ViewBug, како и пејсажот „The misty island“ сликан во Норвешка исто така беше избран како финалист во категоријата Covers Photo во ViewBug.

А кои се твоите планови за во иднина?

Па има две работи би ми било драго да ги реализирам во иднина. Како прво имам огромна желба да издадам книга со мои фотографии од мојот роден крај Битола. И како второ, фотографијата да стане моја професија. И покрај тоа што имам вложено огромен труд, во моментов можам да го наречам само сериозно хоби на кое сум посветен и се надоградувам постојано.

Што би му препорачал на тие што сакаат да почнат со фотографија? Само упорност, а се друго ќе си дојди по себе. Да имаат своја идеја, да го одберат стилот на фотографија што сакаат да го развиваат и да се држат до него. Бидејќи секој тип на фотографија бара различни техники. Јас сум личност што го исполнува природата и убавината на пејсажите. Затоа во мојот случај, станувањето рано пред изгрејсонце или барање локација за да се остане до касно после зајдисонце е клучниот фактор.

Како е без Битола и битолчани?

Во Битола израснав и го поминав поголемиот дел од живот, затоа и тие спомени ми се особено драги. Ми недостигаат најблиските, пријателите со кои сум израснал, дружбите во паркот и на фонтана (која за жал ја нема повеќе) и секако, го споменав и претходно -Пелистер. Ах и да не го заборавам тостот со салама и кашкавал од кај Бомбата 🙂

Каде може ли да ги најдат нашите читатели останатите твои фотографии?

Мојата веб страна и профилите на Facebook и Instagram се редовно ажурирани со нови фотографии и може да ги најдат на следниве линкови:

Instagram: instagram.com/aleksandar_trpkovski/

Facebook: https://www.facebook.com/AlexTrpkovski

Веб страна: http://alekstrpkovski.com/

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here