Пензионираниот битолски адвокат Томе Симјановски (75) веќе 40 години им помага на еврејски семејства, кои водат потекло од Битола, да си го повратат имотот или да го докажат својот идентитет. Како адвокат на повеќе од нив кои пред депортацијата живееле во Битола, ги добил споровите за денационализација на имотите, а на други седуммина им помогнал да извадат македонски пасоши. Досега соработувал со повеќемина битолски Евреи, кои имале среќа да го избегнат холокаустот. Врските успеал да ги стекне додека застапувал една од најголемите југословенски фирми за снабдување со метал „Метал сервис“ од Белград, чиј директор бил Евреин. Така стапил во врска со израелскиот амбасадор и со други истакнати Евреи низ светот. За него може да се каже дека е жива енциклопедија зашто располага со многу податоци како ретко кој за патешествијата, маките и успесите на преживеаните битолски Евреи и нивните потомства што денес живеат во други држави, најчесто во Израел.

Морис Ергас, единствениот битолчанец за кого Симјановски тврди дека ја преживеал депортацијата успевајќи да побегне од скопскиот логор и пеш да стигне до Солун. За животната приказна што Ергас лично му ја раскажал, напишал и сценарио за филм, за кое интерес пројавиле, како што вели, и познати американски режисери. 

– Со семејството го однеле во логор. Како млад човек, аџамија, вечерта многу размислувал како да избега. Во панталоните имал накит и пари. На полноќ на стражарот му ги покажал парите и му рекол да го пушти. Јас ако те пуштам, оној другиот таму ќе те фати, му одговорил. Ти мене пуштиме, па што ќе правам ќе видам, одговорил Евреинот. Бугаринот ги зел парите и вториот ги зел, па овој побегнал и одејќи по Вардар стигнал до Велес. Од таму го качиле коли што носеле стока и стигнал до граница, а од таму пеш до Солун, каде што успеал да се качи на брод за Атина без да знае екипажот. Подоцна заминал за Истанбул, каде што формирал агенција за осигурување и станал богат човек – раскажува Симјановски. 

Евреинот Ергас од него побарал да му помогне да си го врати семејниот имот на некогашната улица „Караѓорѓева“ во Битола, но и покрај обидите тогашните власти не го дале, а сите тројца главни кочничари, според раскажувањето на битолскиот адвокат, подоцна починале во една година. 
– Сум застапувал шест-седум битолски Евреи за легитимација, идентитет, имот… Од нив сега некои се починати. Сите спорови се добиени. Беше тешко да се докаже нивниот македонски идентитет, а порано и да им се врати имотот зашто имаше крута администрација. Не ни веруваа дека тие се жртви на фашизмот, затоа што се спасиле од холокаустот – раскажува Симјановски. 

Од другите животни приказни што ги раскажува, интересна е таа за научникот Мендеш Колономос, кој бил атомист, работел со изотопи во парискиот институт. Бил роден битолчанец, а во соработка со Симјановски ги реставрирале гробовите на дедо му и прадедо му на Еврејските гробишта во Битола. Од стотици гроба таму само тие два денес се реставрирани. 

– Се’ уште е жив. Водиме спорови со државата за обесштетување за имотот. Половина се добиени, а уште половина остануваат. Бара имот од Битола. Татко му бил многу богат човек. Во Скопје имал 7 куќи, а во Битола имот на улица Далматинска. Инаку татко му имаше добри односи со бугарски началник во Битола. Два дена пред депортацијата му рекол „земи ја фамилијата и бегај било каде ако сакаш да преживеете“. Овој со децата и жената го ангажирал битолскиот таксист Беќир и пребегал за Подградец, Албанија – раскажува адвокатот. 

Симјановски долго време беше претседател на Здружението за реставрација на еврејските гробишта во Битола. Тоа е значаен историски споменик зашто ретко каде во Европа се зачувани еврејски гробишта, сите биле уништувани за време на германската окупација. Со години води битка со институциите освен реновираниот портал, да се реставрираат и гробиштата и да се одржува местото. 

Освен контактите со пријателите Евреи, кои му значат многу зашто како стар битолчанец смета дека се дел од историјата и традици
Жанета Здравковска за “Дневник”

Leave a Reply