Ова е старо интервју со битолчанецот Христо Спанаќо кој според своите кажувања е најплодниот и најуспешниот композитор што некогаш бил роден на Македонско тло и како што вели, не успеал во својата кариера зашто нон-стоп некој му ги краде неговите дела.
За да бидеме прецизни во претставувањето на неговата лична карта беше запрашан со што сѐ се занимава:

СПАНАЌО: Јас сум и композитор на песни, а и правам амблеми.

За да потврди дека е голем талент, Спанаќо ни откри дека имал 20 песни на англиски јазик кои биле наменети за Евровизија.

СПАНАЌО: Одговорно тврдам дека имам 20 песни на англиски јазик за Евровизија. Речиси секоја година на Евросонг се пеат мои песни. Јас сум првиот човек во Македонија кој почна да прави песни на англиски јазик.
Спанаќо пред камерата и јавноста откри дека сите македонски претставници за Евровизија пред да отидат на фестивалот задолжително бараат негово мислење и бараат тој да ги оцени, но поради тоа што никој не го почитува после тоа, моли надлежните да престанат да го консултираат него.

СПАНАЌО: Јас сум изреволтиран и оштетен. Секоја година ми ги праќаат сите евровизиски претставници да ги преслушам и со моја дозвола да заминат на Евровизија, а за тоа добивам само исмејување. Затоа, молам, од сега па натаму да не ми испраќаат никого, зашто никого не преслушувам повеќе и не помагам!

Преку овој прилог, Христо ги повикува властите да се свестат што имаат покрај себе зашто тврди дека еден негов амблем чини 1 милион долари, а неговите 100 песни на англиски јазик се проценуваат на некаде околу милијарда долари.

СПАНАЌО: Никој не е свесен какво богатство сум јас! Еден мој амблем вреди 1 милион долари, а моите над 100 песни на англиски јазик се некаде околу милијарда долари. Е сега, нека се свести државата што има покрај себе, а не го користи и колку милиони губи. Но ако вака продолжат работите и наместо да бидам наградуван јас сум понижуван, јас ќе отидам и ќе пеам за друга земја. Е тек тогаш сите ќе плачат!

Спанаќо вели дека на своја кожа трпел многу неправди, но чашата се прелила откако светски ѕвезди му ги плагирале песните.

СПАНАЌО: Со нашите ѕвезди некако и можам да се справам, но голем проблем ми се светските ѕвезди. Им удрија парите во глава и сега никој не може да ги смири. Ме копираат и Том Џонс и Мадона, Џастин и Роби Вилијамс. Но на сите им беше чудно кога изјавив и дека Елвис Присли ме копира. Велат, како? Епа така, ако ја слушнете мојата песна ќе видите дека таа кореспондира со неговата. Големиот хит на Том Џонс е всушност плагијат на моја песна. Тоа се е препишано и преведено! Ми задаваат големи главоболки, но не можам сам да се борам. Никој од државата не сака да ми помогне!

Се надеваме дека со овој прилог ќе му помогнеме на овој плоден композитор да си го добие она што го заслужува, а крадците како Том Џонс, Роби Вилијамс и сите оние кои беа повикани во ова интервју да се најдат зад решетки.


Христо Ѓоргиевски Спанаќо почина во 2016 г. И ден денес за нас е голема урбана легенда бидејќи тој беше меѓу првите, ако не и прв, кој со заштитна маска пред тогашно Краш демонстрираше против војните, загадениот воздух и сл. Нека почива во мир…

Leave a Reply