Се прикажува дека пред многу време една ноќ, двајца браќа Јован и Теохар влегле во црквата „Свети Димитрија“ во Битола. Украле еден сребрен путир (чаша), а можеби и златен, никој никогаш не разбра.
Биле многу уплашени, но се тешеле дека од нужда крадат од Господовиот храм. Знаеле дека се грешни и затоа ставиле тежок завет: ако еден ден излезат на пат, ако се збогатат, стократно ќе им се одолжат на храмот
и на нивната Битола…

И така се случило. Децении потоа, двајцата браќа Димитриу ќе се збогатат и ќе ѝ подарат на Битола и училиште, и градинка и болница ќе остават донации за манастири, за црквата „Св. Димитрија“, па дури и пари за чеиз на моми што се пораснати во сиропиталиште, немало кои да ги помогне.

Но, можеби и илјадници златници загубени негде или заложени во некоја банка со аманет да се исплатуваат на Битола… Некои го нарекуваат „битолското злато“ – илјадници златни лири
кои браќата Пиника ги оставиле од каматата секоја година за да се помага Битола. Парите доаѓале секоја година до 1926 и одеднаш сопрела!

Оваа приказна се раскажува меѓу постарите битолчани.
Александар Стерјовски ни вели за неа слушнал пред триесетина години од постарите. Тие, пак, од своите претходници, а тие од старите кои сѐ уште ги помнеле двајцата браќа Власи со прекар Пиника, кои во аналите на Битола ќе останат запишани како едни од најголемите добротвори.

Пиеме кафе на Широк сокак, со Стерјовски. Се соживува
со приказната што се случувала пред еден и пол век, која сѐ повеќе личи на легенда. „И да не се случило“, ми вели мене и на мојот пријател Владо, „вреди да биде запишана…“ Д-р Стерјовски, сега пензиониран некогашен професор и продекан на Битолскиот универзитет, никогаш не замина во пензија. Си стави за задача да напише десет книги за градот Битола, десеттокнижие, во кои ќе смести илјадници познати и непознати факти за градот.

Три книги или монографии веќе издал. Три децении Стерјовски „копа“ во потрага да најде некој траг каде завршило огромното богатство на Јован и Теохар Димитриу, кои заминале буквално боси и гладни и да ја предизвикаат среќата.
„Путирот го продале за да купат пљачки и да се снајдат да стигнат до Солун. Таму имало грчки конзулат преку кој средиле да заминат во Мисир (старинско име за Египет). Почнале од најдолу, како амали, но бргу станале успешни произведувачи и уште поуспешни трговци со памук.
Инаку, биле родени во село Магарево, ни раскажува Стерјовски, но семејството им било Москополе (место до Корча во Албанија), кој бил културен центар на Власите во 18 век. Во Битола живееле во Влашко Маало, во едно куќарче со две сопчиња. Куќата постои и денес…

Животот ги однел во Египет, но срцето им останало во Битола. Во 1880 година го изградиле прочуеното централно женско училиште за што платиле 4.000 фунти стерлинзи. Уште 3.000 дале во дворот да се изгради градинка, веројатно сиропиталиште, основно училиште и
за Големата болница.
Животот им бил различен. Теохар се оженил и имал ќерка Елени. Јован ѝ останал верен на Битола: “На 3 март 1896 година, во весникот „Телеграф“ во Александрија, бил објавен тестаментот на Јоанис (Јован) Димитриу. Тестаментот бил составен три години пред тоа, во 1893 година, и депониран во грчката амбасада.”
За тестаментот пишува и Андонис М. Колцидис, автор на „Историјата на Монастири, Пелагонија и околината“,објавена во Верија во 2003 година.

„Тестаментот на овој голем национален донатор се отвори и објави попладне вчера, во присуство на судски претставник… На 6/18 март 1993 (веројатно по Јулијански и Грегоријански календар) го повика (се мисли на Јован) својот секретар г-н Д. Базион за да му го диктира својот тестамент. Неговото богатство според сметководствените записи од 12/24 февруари 1893 изнесува 7.665.796,50 египетски пари“. Обработливо земјиште, земјоделски машини, градина, стока, половина куќа во Александрија, како и друг неподвижен имот решил да ѝ припадне на вдовицата на брат му, како и стоката од магацините… Но, и дел од средствата во банките Креди-лион, Отоман банк и во Египетската банка.
Според Колцидис, „За единствен наследник на недвижностите го назначил саканиот внук Михаил К.
Димитриу, кој во рок од три месеци требал да ги распореди донациите“.
И тоа 10.000 англиски лири за градот Битола, односно за одржување на болницата „Благовестие“, 5.000 лири за чеиз за по две девојчиња избрани со ждрепка, кои секоја година ќе излегуваат од сиропиталиштето Теохар и Јован Димитриу, 3.000 лири за изградба на нова болница, 500 лири за храмот во митрополијата.
Колцидис набројува уште десетици ставки од тестаментот. Најинтересна е можеби онаа со која се предвидуваат 800 лири во болницата секогаш да има слободен кревет за секој случај.
„Биле големи луѓе“, ни вели професорот. „Не по богатство.
По добродетелството“.
Ни покажува фотокопии од весник. „Вардар“ со датум 27 март и 5 јуни 1934 година. Пишува на српски, во време на Кралството СХС, за Елена Димитриевиќ, која починала на 14 март таа година. Елени или Елена го продолжила добродетелството и за време на животот и со нејзината последна волја.
Професор Стерјовски се прашува (и прашува) каде завршиле илјадниците лири или фунти стерлинзи што биле депонирани, според некои во банка во Атина. Се обидувал преку адвокати од Грција, преку властите овде да добие некоја насока… за да се – комплетира приказната. Без успех.
„Сакам да знам кај се и кои се наследниците кои можеби живеат некаде и можеби сѐ уште го носат прекарот Пиника. А не знаат колку нивните предци ја задолжиле Битола. Слика на Јован Димитриу, која и ден-денес стои во трпезаријата на црквата „Свети Димитрија“, до пред војната била изнесувана на црковните процесии и за време на црковните празници, а луѓето го славеле како светец.
А тој скромно напишал: „Барам извинување од оние што без никаква лоша причина не ги споменав, односно ги разочарав, а и јас, исто така, им простувам на незадоволните и Господ да ни е напомош“, биле последните зборови во тестаментот на Јоанис Димитриу-Пиника.
А што би му забележиле, вели нашиот соговорник Александар Стерјевски, убеден дека еден ден ќе ги добие сите одговори.

Од архивата на Утрински весник