Во 1934 година на денот на светите Кирил и Методиј, во малата црквичка св.Благовештение, во дворот на истоимената болница (денес СОУ “Таки Даскало”) се одржа помен за душата на покојната Елени Димитриу-Пиника, која починала нешто пред тоа, поточно на 14 март во родната Александрија (Египет).

Парастосот, во сослужение на
целокупното битолско свештенство, ro одржал епископот охридско-битолски Николај. Ораторски надарениот епископ првин говорел за значењето на светите браќа, потоа за нејзиниот маж Теохарис и деверот Јоанидис, потоа и неа самата. Браќата ги истакнал како родољупци кои никогаш не ја заборавиле родната Битола, кои во секоја прилика ја покажувале својата широка душа и голема хуманост.

Нивните дела биле објектот на Женската грчка гимназија (денес Народна и универзитетска библиотека “Св. Кл. Охридски”-Битола), болницата “Благовештение”, основното училиште во с. Буково, дел од објектите на денешното ОУ “Гоце Делчев” во Битола и др. Покрај тоа, Јоанис во 1896 год., во Националната банка на Грција во Атина тестаментално, за добротворни цели депонирал 10.000 златни фунти, од чија камата требало да се подмируваат трошоците за донираните обекти, особено за болницата.

Каматата за нив во Битола пристигала до 1927 год., кога во Атина се изнашле формални причини да се укине.

И Елени Пиника, според епископот,то следела примерот на своите блиски. Во дваесеттите години од 20 век објектот на Женската гимназија и го отстапила на Битолската општина, поведувајки притоа и иницијатива на сопругот и деверот битолчани како благодарност да им посветат бисти, кои би ги поставиле во дворот или во интериерот на Женската гимназија. Во својот тестамент не ја заборавила Битола, по 50 стерлинзи оставила и за црквите “Св.Богородица” во селото Трново и за црквата “Св. Ѓорги”
во селото Магарево и уште 200 стерлинзи за болницата.

Сето тоа било основа за организирањето и за одржување на поменот.

“Калеидоскоп” Александар Стерјовски