Мила Рориќ и Дејан Томски се млади архитекти од Битола, кои имаат магистирано на Архитектонскиот факултет во Скопје, а денес работат како архитекти во Битола (во студијата Т2 и Мирор).

Имаат учествувано на повеќе конкурси за архитектура, од кои би ги издвоиле второнаградениот труд на Конкурсот за уредување на коритото на Кочанска река, во 2016 г, првонагрaдениот труд за Паметна автобуска постојка-Рекорд во Скопје, 2017 г, учеството на конкурсот “Mind the gap“ за уредување на дел од каналот Emil Holms во Копенхаген, 2013 г, како и наградениот труд на Конкурсот Разубави ја Битола во 2016 г. Самоиницијативно работат на идеи за подобрување на урбаниот лик и инфраструктурата во Битола, за кои најавуваат изложба во идниот период...

Идејата за „Битола на Драгор“ датира од студентските денови, во 2011 г. кога разговаравме за тоа како да се подобри тој дел од централното градско подрачје и Дејан предложи спуштање на теренот пред Јени џамија кон реката за таа да стане повосприемлива за граѓаните и да се соедини со паркот. Подоцна во рамки на Архитектонското студио 5, Мила се надоврза на идејата со поширок опфат и воведување на пешачка зона во продолжетокот на Широк Сокак. Интервенцијата на овој дел од Драгорот беше објавена во книгата „Архитектурата како фактор на културна одржливост на македонските градови“ во издание на Архитектонскиот факултет при УКИМ-Скопје и Архитектонскиот факултет при Универзитетот во Загреб, 2015 г. и изложена во рамки на истоимената изложба во Магазата во Битола. Исто така беше обработена во магистерката теза на Мила Рориќ („Интеграција на реката Драгор во централното градско подрачје на Битола преку интерполација на содржини од јавен карактер во зоната на нејзината интеракција со градот“), за подоцна уште еднаш да ја презентираме во рамки на презентацијата во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Битола, како награден труд во рамки на конкурсот Разубави ја Битола, 2016 г. Изработивме видео со цел идејата за поинаква Битола да допре до што повеќе граѓани.

За проектот

Битола како град се развива на двата брега на реката Драгор, која минува низ густо изградено градско ткиво со што на минимум е сведен бројот на контактни зони и отворени простори покрај нејзиниот тек.

Нас нѐ интересираше еден од ретките отворени крајречни простори, локацијата каде се сечат најбитните правци во старото градско јадро – оската на Широк Сокак која доаѓа од правецот на античкиот град Хераклеа, односно правецот на Виа Игнација и правецот Прилеп – Охрид, кои се соединуваат покрај брегот на реката Драгор. Тоа е просторот кај горниот парк каде се наоѓаат значајни културно-историски обележја за градот – Безистен, Исак-џамија, Јени-џамија, Саат кулата, црквата св. Димитрија. Оваа локација отсекогаш била и останува во жариштето на градскиот живот.

Ако ја разгледаме моменталната состојба на оваа зона, гледаме дека таа се состои од дезинтегрирани фрагменти кои не функционираат како целина, ниту пак комуницираат со реката. Во поглед на сообраќајната инфраструктура, проблем претставуваат двата премини од булеварот 1-ви Мај преку реката, а додатна и најголема пречка за функционирањето на локацијата, претставува колскиот дел на ул. Широк Сокак, кој централно ja пресекува локацијата, ја разделува на два дела и претставува бариера за пешачкото движење. Всушност трите моста кои ги поврзуваат двата брега се првенствено наменети за колско движење. Пред мостот кај Безистенот, хаотично по коловозот се движат пешаци и возила. Вториот аспект на инфраструктурно ограничување претставува самото корито кое на локацијата има просечна висина од 4 м. и ја канализира реката на одреден простор правејќи ја тешко восприемлива.

Најчесто просторот покрај реката се користи за паркинзи и импровизирани, неградски структури кои ја загадуваат реката и го негираат присуството и на реката и на самиот градски центар.

Можеме да кажеме дека буквално градот ѝ врти грб на реката и овој простор ние го гледаме како неискористен потенцијал.

Во однос на урбано-мофролошкиот развој, може да се забележи дека сите монументални објекти кои се наоѓаат на оваа локација биле интегрален дел од чаршијата, која се протегала на обете страни од реката, меѓутоа недостатокот на заштитна регулатива доведува до нејзино рушење и формирање на голем плоштад, кој подоцна, пак, преминува во денешниот парк, кој за жал сѐ повеќе се претвора во паркинг.

А бидејќи овој Парк е единствено такво зелено парче во еден поголем радиус во градското јадро, есенцијално е тој да се задржи и унапреди во интегриран, пешачки, хуман простор за граѓаните.

Исто така, стотици години бил ползуван амбиентот кој реката го поседува на различни начини и ние сметаме тие квалитети треба да се пренесат на идните интервенции.

Почетен услов за решавање на проблемот на избраната локација претставува решавањето на сообраќајот.

Првенствено дислоциран е делот од бул. 1-ви Мај кој директно продира во централното ткиво, односно двата правци од булеварот се соединуваат во ул. Иван Милутиновиќ, со што се овозможува непречено функционирање на примарната улична мрежа во овој дел од градот. За сервисирање на строгото централно подрачје предвиден е мал ринг, односно едносмерна режимска улица која го прифаќа околниот ситем на едносмерни улици и го насочува кон примарната улична мрежа. Стационарниот колски сообраќај е целосно дислоциран од локацијата и во истата се предвидени ниши за краткотрајно запирање на режимската улица, а за задоволување на паркинг потребите предвидено е надоградување на околните паркинзи. Целата локација е опкружена со велосипедски патеки и за истите се предвидени велосипедски паркинзи, додека примарниот пешачки сообраќај, Широк Сокак, непречено продолжува по својата оска и кулминира во крајречниот парк на Драгорот. Пешачката патека ја преминува реката преку пешачки мост и стигнува пред Безистенот каде се предвидени ниши за пристап на јавен транспорт.

Концептот Битола на Драгор од архитектонски аспект претставува формирање на заедничка платформа на поврзување на содржините од двете стани на реката Драгор со истовремено акцентирање на самата река како нова урбана поента во центарот на градот.

Креиран е нов крајречен пејсаж преку каскадно, разиграно спуштање на паркот кон реката и проширување на просторот околу неа со цел да се обезбеди визуелен контакт со реката и урбан простор за релаксација крај реката надополнет со угостителски објекти и галерии, зеленило и различни простори за седење, во вид на клупи и скали кои централно преминуваат во отворен амфитеатар.

Имајќи ja предвид потребата од одржување манифестации и настани од областа на културата во градот, неговото богатото историско минато, огромниот број на споменици на културата и неговиот статус на еден од туристички најатрактивните дестинации во Македонија, несомнено е дека овој простор во центарот на Битола треба да поприми програма од областа на културата, која би ја зголемила неговата посетеност, а со тоа и интеракцијата на граѓаните со реката. Станува збор за креирање на еден културен интерфејс на спојот на градот со реката, благ премин од традиционалното градско ткиво во нов урбан домен кој во себе вклучува природни елементи како што се водата и зеленилото.

Програмата на павилјоните кои се предвидени вклучува изложување на уметнички дела, одржување предавања, презентации, работилници, проекции, информирање на туристи, читање, седење и дружење крај реката во затворен и на отворен простор… тоа се содржините: надворешен амфитеатар, туристичко инфо-катче, изложбени простори, книжарница со кафе-бар…

Хидролошки аспекти

При секоја интервенција на реката, значајно е да се задржи безбедносниот капацитет за поплавување, кој таа го имала претходно. Во случајов, р. Драгор, зголемена е ширината, на сметка на висината на коритото со цел тоа да го задржи истиот волумен или капацитет при поплави. Коритото е обликувано во вид на заштитни скали со двојна улога – терасест пристап кон водата и заштита од поплави. Како дополнително регулирање на водостојот, предвидени се отвори во кејските скали кои вишокот на вода го водат до каналите кои се поставени под пешачката патека, паралелно со речниот тек. Од урбанистички аспект, предлагаме и воведување на рекреативна зона на горниот тек на реката, на самиот влез на реката во градот, која исто така би помогнала во регулирањето на несакани поплави.

Како целина концептот „Битола на Драгор“ треба да оформи квалитетен урбан, јавен простор за собирање и релаксација на граѓаните, целосно ориентиран кон реката Драгор.

Чинење на проектот

Во однос на цената на чинење на проектот треба да се изработи Основен проект и предмер како би можеле да разговараме за цената на чинење, а секоја прелиминарна пресметка, без финални материјали и финален опфат на проектот (новопредвидени улици, реконструкција или изградба на мостови и сл.) би бил паушален. Доколку постои доволен интерес од граѓаните и институциите на Битола за потенцијална реализација на проектот, ние би пристапиле кон понатамошна детална разработка на идејата.

Законска регулатива

Сметаме дека Законот за заштитеното градско јадро треба да се третира пофлексибилно доколку бенефотот за градот од одредена интервенција, конкретно врз заштитеното корито или уличната мрежа, е поголем во однос на задржувањето на постоечката состојба. Значи ако зборуваме за подобрување на квалитетот на јавниот простор, тогаш треба да се работи заедно со институциите кои го штитат тоа старо јадро и да се изнајде заедничко решение кое ќе дозволи да интервенираме во старото јадро, се разбира во склад со постоечкото. Не е секогаш решение целосно да се конзервира центарот на градот. Подобро е да се адаптира и ревитализира на одржлив начин.

Моментално, кејскиот ѕид е со значителни оштетувања како од атмосферски влијанија така и од бујната вегетација и секоја година трпи разрушувања на дел од него што претставуваа опасност за минувачите, но исто така и за импровизираните угостителски времени објекти кои непрописно се надоврзуваат над ѕидот, затоа сметаме дека интервенцијата врз овој дел само би ја подобрила постоечката ситуација.

Видеото од проектот ТУКА

Ви благодариме Мила и Дејан!