Во Битола има една главна улица, Широк Сокак. Некои сѐ уште милуваат да ја наречат Маршал Тито. Некои и даваат епитети: модна писта, Корзо, најмонденската улица на Балканот…

Но, без разлика како ќе ја наречете, таа е улицата која има видено многу приказни, многу љубовни средби и разделби, солзи кои застанале во грлото, искрени и изглумени насмевки, прегратки кои ја стоплуваат душата, но и прегратки кои ја замрзнуваат душата. На Широк Сокак, секоја плочка крие по една тајна, секоја канделабра била сведок на нечија љубовна бајка, секој балкон крие историја…

Низ незапирливиот тек на времето, Широк Сокак се менувал, облекувал ново руво, дочекувал нови генерации на очиња, но душата му останала иста. Боемска, романтична, на моменти бурна, на моменти, бескрајно спокојна, особено во доцните вечерни и раните утрински часови…

Иако старата градска архитектура е зачувана сѐ до денес, Широк Сокак бил доста шаренолик низ годините кои како светлина минуваат покрај нас и менуваат.

На оној Широк Сокак од пред триесетина години, се присетува педесет и осум годишната Лилјана која раскажува за Широк Сокак на нејзината младост…

„Целиот беше преполн со продавници. Тоа беа типични продавници за социјалистичкиот период каде се продаваа производи кои се правеа во Југославија и сите работеа до осум часот навечер. Битолските момчиња беа ,паркирани’ по тротоарите, а девојките беа тие кои парадираа по Корзото. Маршутата по која се движеа девојките беше од Епинал до Камениот Мост. Секое друштво си имаше свое место на Широк Сокак. Гимназијалците се собираа под една стара липа пред денешниот ресторан Корзо. Во тоа време, најголем престиж беше да се влези во градската кафеана на хотелот Епинал. Игранките се случуваа во Офицерскиот Дом, каде често настапуваше Мирослав Илиќ кој во тоа време го одслужуваше воениот рок во Битола. Но, за да бидеш присутен на овие игранки, мораше да се биде пристојно облечен, што подразбираше забрана за носење на фармерки на игранка. Се присетувам и на првото кафуле во Битола, тоа беше локалот Мадера, отворен во осумдесеттите, а во тоа време, Битолчани гледаа филмови во дури четири кино: Кино Македонија, Трудбеник, Партизан и Военото Кино.“

На приказната за Широк Сокак, се надоврзува нејзиниот син, триесетгодишниот Владимир, кој низ растењето го доживеа Широк Сокак во едни поинакви нијанси, но со истиот шарм…

„Широк Сокак, најнапред е радост за секое дете кое штотуку почнало да го осознава светот. Тука се уличните продавачи на големи балони и играчки, шарените излози кои мамат погледи… Од моето детство и часовите поминати на Широк Сокак, сѐ уште го чувствувам мирисот на штотуку испечените кифли од продавницата на Жито Битола. Вистинско доживување за дете од моето време беше и посетата на Стоковната Куќа каде сега има маркет, но и на Млечниот ресторан во Епинал каде служеа превкусни торти и колачи. За разлика од времето на мојата мајка, Широк Сокак сега е доста променет… Има модерни продавници и кафе – барови кои работат до доцна во ноќта, особено за викенд. Парадата на Широк Сокак сега не е привилегија само на девојките туку и на момците и повеќе би му дошла како ритуал во обид да се дојде до слободна маса за да се испие кафе на Широк Сокак. Дење, улицата мириса на кафе и сите локали се преполни, ноќе улицата е резервирана за забава и промовирање на новите модни трендови… На оваа улица, секој си го наоѓа своето место, најмалите кои се радуваат на прошетките, средношколците кои едвај го чекаат училишното ѕвонче за да заминат на Корзо, возрасните кои пијат кафе или пазарат, пензионерите кои испоседнати по клупите раскажуваат за старите времиња и дебатираат за политика и економија… “

Широк Сокак е магија која мора да ја почувствувате за да ја прераскажете. Таа е улица на кафето, на модата, на високите потпетици, на насмевките и заводливите погледи… Таа е улица на фестивали, летни рок – свирки, модни ревии, улица која освојува со архитектурата, цветните тераси, блескавите излози и шармот на битолчанките. Улица која колку и да се менува низ годините, секогаш ќе остане со иста душа… Душа која освојува и која ве тера да се насмевнете…

Традиционално, кон крајот на август и почетокот на септември, градот доживува уште една магија – филмската. Очите на јавноста се вперени кон најголемото филмско случување во земјава, Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Овој фестивал е првиот и најстар светски филмски фестивал посветен на креативноста на светските кинематографери. Започна во 1979 година по иницијатива на еден од главните основачи – Друштвото на филмските професионалци на Македонија во соработка со градот домаќин Битола и Кинотеката на Македонија. Годинава, фестивалот ќе се одржува од 10 до 17 септември. Градот полека се подготвува за најголемото случување и ќе ги дочека филмаџиите, актерите и новинарите од целиот свет!

Се гледаме во Битола!

Извор www.hybread.mk