Интересно изненадување ги снајде работниците на Битолска „Нискоградба“ кога при рутинска и редовна замена на плочките со кои е поплочен Широк Сокак наидоа на првичниот слој подлога кој со стручна анализа е одредено дека датира од средината на 20 век, а се работи за книги од разни странски издавачи (што белетристика, што готвачи, разни монографии и фактопедии, како и стручна литература од различни области). Она што секого го шокира е состојбата во која се наоѓаше секоја една книга која на некој непознат мајстор му служела како градежен материјал. „Како сега излезени од печатница изгледаа книгите кои ги затекнавме под плочките со кои моментално е прекриена најпозната улица во Македонија. Првичниот импулс кога здогледав еден готвач за Азиска кујна ми беше да ја оставам лопатата и да ѕирнам во книџето и да запишам некој рецепт, за да можам дома со невестата да го испробаме.“ – се присетува еден од работниците на терен.

Како е можно еден толку сложен и захтевен проект како „поплочување“ со книги на толкава улица да биде успешно изведен и незабележан од никого, и згора на тоа како основно градежно средство да била користена книгата која со своите физички карактеристиките (тврдина, порозност на материјалот, подложност на абење, неотпорност на надворешни и атмосферски влијанија) воопшто не е погодна за таква примена – е само уште еден од мистериозните аспекти на феноменот кој веќе колоквијално е наречен „Книжен Сокак.“ Интересен детаљ поради кој многу битолчани ќе бидат дополнително горди на своето потекло е и фактот дека како врзно ткиво за книгите (читај: плочките) да бидат споени една со друга било користено само турско кафе (96% од смесата – многу ситно мелено!), 3% шеќер и 1% вода.

Неколку струи веќе почнаа да се формираат околу демистификцијата на шокантното откритие: една е мистична и кокетира со метафизичкото влијание кое пишаниот збор го имал во поимањето на архитектурата кај древните цивилизации – струја која наидува на невиден потсмев и навредлив однос од поголемиот дел на битолската популација. Другата струја го фаворизира се повеќе популарното верување за постоење на други ентитети (паралелни димензии, вонземјани и нивната смисла за хумор – „се обидуваат нешто да ни соопштат, сатирично да ни посочат на животните навики кои ги имаме во градот“ и сл.). Третата – ништо послаба струја, феноменот го припишува на центрите на моќ, тајните друштва и нивниот потпис на оваа улица (убедени се дека со таен клуч достапен само на мала група, одбрани и привилегирани „просветлени“ луѓе би можеле да исчитаат многу нешта кои се кријат зад навидум случајната поместеност на книгите. Повеќеслојноста и комплексноста на пораката на „Книжниот Сокак“ (какви бои на кориците од книгите се користени и што тие симболизираат, игри со зборови од насловите и издавачите на книгите, колажни интриги со сликите и илустрациите во истите)- сето тоа приврзаниците на оваа струја веруваат дека го сочинуваат врвното пророчко и уметничко дело на некој таен слободен ѕидар.

Јас, лично, ја имав таа чест и среќа да се најдам на лице место при ископувањето на горниот дел од плочките и, заедно со една пријателка и еден пријател, сведочевме на откривањето на она што верувам дека ќе значи пресвртница во натамошното поимање на главната улица во нашиот град.

 

Бјøрдан /септември 2013

 

Leave a Reply