Бисерот на ориентот во Битола…

Ќерим-беговиот амам, каде што пред три века агите и беговите уживале во турската бања и сауна се наоѓа во близина на училиштето Ѓорги Сугарев, поранешниот злогласен турски затвор Катил Зандани.
На времето во градот имало четири бањи каде преку посебни системи водата се црпела и носела од реката Драгор. Од месноста викана Крива Воденица преку систем од керамички цевки водата се пренесувала во дворот на бањата на Керим беговиот амам. Таму се наоѓа ќуљанот или ложиштето во кое се загреваше водата со големи корења од дрва и така загреана одеше во бањата, каде што се тураше во сановите,коритата и базените. Таму посетителите со посебни чингени садови, наречени тасови, зацрпуваа вода и ја истураа низ телата. Околу коритата беа поставени мермерни плочи на кои посетителите одморале и добивале масажа.
Градските амами долго претставуваа симбол на заедничкото живеење на различните етникуми во Битола. Тука се капеле невестите турчинки,рисјанки а најповеќе еврејките. Заедно со нивната придружба во пајтони доаѓале и влегувале низ големите порти на амамот. Додека невестата се капела, во претсобјето на бањата нејзините придружнички пееле, тропале на дајриња и играле. Присутните ги послужувале со локуми, шеќери и ладна газоза.
Бањата е изградена пред неколку века и во својот систем имала подно греење. Поради пареата од топлата вода што излегувала низ отворите на куполите, битолчани велеле дека амамот гори.
По кажување на неговиот комшија,пензионираниот професор Ице, последен газда на амамот бил евреинот Пепо Маламати кој амамот го купува од турчин, но во 1943 г. заедно со неговата сопруга и три ќерки е депортиран во Треблинка, од каде повеќе не се враќа.
Во склоп со бањата, чинарот и Турските женски зандани “Амам сокакот” може да биде интересна целина за разгледување за нас битолчани и туристите кои секојдневно го посетуваат нашиот град со што би се облагородил и еден дел од нашето минато и историја …