Како изгледа процесот на изработка на еден кабелски сноп? Како изгледа работното место на нашите роднини и пријатели кои работат во КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Битола? Како воопшто изгледа оваа компанија во Индустриската зона „Жабени“ во која моментално работат преку 5700 вработени?

Ова се најчестите прашања кои жителите на Битола, околните места па и околните градови си ги поставуваат кога се во друштво на некој од веќе вработените во оваа компанија. Љубопитноста е одлика на човекот кога се работи за нешто непознато или за нешто за кое има доста различни мислења.

За таа цел, компанијата КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Битола организираше „Отворен ден“ на 23.02.2018г. за сите заинтересирани сограѓани да можат да дојдат и да ја видат фабриката како и да се запознаат со целокупниот процес на изработка на кабелските снопови, работните услови како и сите работни места кои постојат во оваа компанија.

Најавата за настанот беше објавена на интернет порталите, локалните телевизии како и на локалните радио станици за да може информацијата да стигне до сите различни групи на граѓани. Исто така, превозот за сите заинтересирани, беше бесплатен и организиран од страна на КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Битола, како домаќин на настанот.

Иако организаторите очекуваа дека интересот ќе биде голем, сепак пријатно изненадување беше фактот што утрото на автобуската постојка „Ракометно“ имаше редици луѓе од самата постојка па до почетокот на шеталиштето во Битола кои стрпливо и љубопитно чекаа да се качат во автобусите. Вкупно седум автобуси беа наполнети и се упатија кон фабриката во Жабени со што бројот на заинтересирани кои одвоија време тој ден да да посетат фабриката изнесуваше преку 400 посетители.

Со цел посетата да биде што поефикасна, практична и интересна за луѓето, присутните беа поделени во две групи од кои едната група започна со обиколка и разгледување на процесот на производството додека втората група беше поканета во кантината во компанија каде им беше прикажана презентација подготвена вработените од Одделот за Човечки Ресурси преку која имаа можност да слушнат интересни податоци за историјата на компанијата, организационата структура како и моменталниот статус и прогресот кој е постигнат во изминатите 5 години оперативно работење во Битола. По завршување на секоја од сесиите, групите беа заменети со што сите гости имаа иста можност да добијат вистинска слика за атмосферата и условите за работа во КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Битола.

Најголем дел од коментарите на посетителите беа позитивни и истите пред заминување упатија честитки до домаќините како за добрата организација како на отворениот ден, така и за работата во компанијата, чистотата и „светскиот“ изглед на самата фабрика.

Бидејќи оваа компанија како странска инвестиција долго време беше мета на разни злоупотреби, критики и коментари, како позитивни така и негативни, наместо демантирање или учество во разни непродуктивни дебати, одговорните во компанијата донесоа одлука преку еден ваков настан да се овозможи прилика на сите заинтересирани да дојдат и да се уверат во реалните услови за работа кои ги нуди компанијата. Дополнително, бидејќи пред крајот на оваа година компанијата ќе го достигне својот максимален капацитет после што можностите за вработување ќе бидат ограничени, односно нема да има повеќе отворени работни места, отворениот ден беше можност сите посетители да го видат и празниот, односно слободен простор од производниот погон за кој во моментов се одвиваат масовните регрутации бидејќи следна цел на оваа компанија е, како што велат тие, да станат „најголеми и најдобри, со 7000 задоволни вработени, први во групацијата а и во Македонија.

Доколку се гледате себе си како дел од интернационална компанија која претставува позитивен пример во регионот каде вредно се работи на континуирано подобрување на условите за работа и придобивките за вработените, побрзајте и пријавете се бидејќи времето е ограничено.

На сите вработени во КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Битола им посакуваме многу успеси во натамошните предизвици!

Кромберг & Шуберт Македонија Дооел Битола