Најпрво во Битола се формира клубот “Работник” и под тоа име ги постигна своите први успеси. Подоцна во Битола се формира уште еден клуб, под име “Пелистер”, со кој битолскиот ракомет, во изминатите 40 години, ги постигна свои најголеми успеси. Откако cе согледа дека со постоењето на два клуба се разводнува квалитетот беше решено во градот да постои само еден клуб. 

По фузирањето, тој го доби името Пелагонија, а малку подоцна, тој клуб се преименува во Пелистер.

Можеби за помладата генерација ќе биде за неверување, но постарата генерација сигурно се сеќава на периодот кога РК Пелистер сееше страв од Вардар па се до Триглав. Металопластика, Медвешчак Загреб, Пролетер, Борац Бања Лука, Црвена Ѕвезда сите овие великани на Југословенскиот ракомет “паѓаа” во Битола, но порази бележеа и на својот терен. 

Од 1985 па се до 1988 година или поточно три сезони Пелистер се наоѓаше на самиот врв во Југославија. Сепак Јовановски, Цепенковски, Кочовски, Христовски, Здравковски, Јусуфовски, Стефановски, Јовиќиќ, Босеовски, Крстевски, Фестиќ, Јаневски, Атанасовски и останатите ракометари и покрај се ја имаа таа несреќа во овој период за противник да ја имаат екипата на Металопластика која без проблем ги “газеше” сите екипи во Европа.

Најголемиот успех на клубот е забележан во сезоните 1986/87 и 1987/88 година. Овие години РК Пелистер заврши на второто место на табелата веднаш зад Металопластика, а пред Медвешчак Загреб на третата позиција. Во сезоната 1988/89 Пелистер играше и во ЕХФ Купот каде стигна до 1/4 финалето на ова натпреварување.

Извори Битола Стари фотографии и Тип.мк