Битола бабам Битола

Родена сум во Битола и мислам дека и покрај сите оние планој за напуштање на градот и евентуална преселба во странство, тоа никогаш нема да се случи. Има нешто интересно во овај град (не го велам то само јас, туку и многу луѓе кои не се родени во Битола), нешто магично кога ќе поминваш низ Широк Сокак и се чувствуваш како едно мало минијатурно суштество во споредба со старите куќи кои датираат од пред многу години.

Го сакам моментот кога од Саат кулата (за која и ден денес не ми е сфатливо како можеле Турците да ја изградат толку цврста со лушпи од јајца) ќе почне да свири песната Битола мој роден крај, кога ги гледаш сите оние дотерани луѓе кои пијат кафе и на многу ладно време, надвор.

А, зимата е своја приказна… Посебно лани. Незнам како преживувавме на -26 степени. Но, то не било ништо, ми раскажват постарите дека во минатото температурите се спуштале и до -30 и нешто, па се’ нормално функционирало.

Го сакам градскиот парк, посебно на лето кога има толку многу млади луѓе кои трчат и спортуваат, се возат со точаци, ролери, брзат за на тренинг во Спортската сала Младост. A, да не заборајме дека ракометот започнал во Битола, тука во Пелистер играле многу звучни имиња и појќе познати ракометари.

Го сакам дрворедот и кога се шетам и слушам музика по најубата улица- Партизанска, ја сакам старата чаршија и сите оние малечки продавничиња во кои можеш да пронајдиш многу интересни работи за не многу висока цена.

Ја сакам Хераклеа и зоолошката градина, ја сакам Битола бидејќи има многу голема историја зад себе. Долга историја и со битолската касарна, која за жал денес не работи. Но, кој бил таму и ги видел сите оние куќарки во војската, тогаш знај за шо зборам. Бидејќи имало порано многу манастири, била нарекувана Монастири.

А, како највпечатлива црква ќе ја спомнам Кркардаш или 40-те маченици, која се наоѓа на блискиот рид над градот и од горе има преубав поглед. Ние битолчани знајме дека кога ќе дојде денот на црквата, како некој празник е во Битола, сите луѓе, стари и млади се качваме да ја посетиме црквата и да уживаме во ноќниот поглед кон нашата Битола…

Се изнапишав, мислам дека ништо не заборајв, сѐ кажав… А, и сакав да се надоврзам за битолскиот дијалект. Во погорните мислења прочитав дека ние сме ги тегнеле зборовите, ама не е баш така. Баш ние кратиме зборој и сме поекономични со буквите. Можи продавачката зборала бавно, па зато така си помисли…
Толку од мене, се надевам успеав да опишам барем мал дел од Битола…

Една битолчанка

Фотографии непознат извор