Групата Мадригали активно свирела во родниот град Битола и низ поранешната СФРЈ од 1975 до 1981 година. Во 1979 година „Мадригали“ го менуваат името во „Трн во око“ и така функционираат до 1981 година, кога бендот престанува со работа.

Покрај сопствените песни во поп–рок стил, Мадригали на своите настапи свиреле и песни од Дип Парпл, Лед Цепелин, Стиви Вондер… Автор на музиката и текстот, за најголем дел од песните на Мадригали е Драган Каранфиловски–Бојс.

Мадригали во 1977 година на гитаријадата во Заечар освојуваат прва награда од жирото, прва награда од публиката, а исто така почестени се и со првата награда на тогашната Радио телевизија Белград. Песната „Македонија“ со која се претставија во Заечар, ќе ја исполнат и во 1977 година на Фестивалот на младината во Суботица.

Во 1979 година бендот повторно настапува на Заечарската гитаријада и го освојува првото место од публиката. Истата година „Мадригали“ го менуваат името во „Трн во око“. Под ова име во 1981 година бендот ќе настапи во центарот „Скендерија“ во Сараево, каде што ќе ја исполнат песната „Плати една дупла и мрш да те нема“, која што ќе стане хит во бивша Југославија.

Во 2013 година дел од членовите на бендот повторно ќе се соберат за со целовечерен концерт да го затворат битолското културно лето „Бит–Фест“. На концертот во античкиот театар Хераклеја Линкестис ќе настапат заедно со Дадо Топиќ.

Со Мадригали соработувале повеќе значајни имиња од македонската музичка сцена.

Ова е (нецелосен) список на дел од членовите на бендот:

Цане Николовски – вокал и флејта
Драган Каранфиловски-Бојс, соло гитара
Благој Тасевски–Бале, соло гитара
Миле Шерденков–Шендер, бас гитара
Томе Георгиев–Шкипот, тапани
Трајче Каров–тапани
Панде Пажиќ-клавијатури

Еден од хитовите на Мадригали „Здраво млади“ е направен по нарачка на новинарот и публицист Стојан Тренчевски. Во седумдесетите години Тренчевски бил младинско–политички функционер и ги замолил Мадригали да направат песна која што ќе биде некој вид на промоција на младинските работни акции.

Со „Здраво млади“ на многу бригадири во бивша Југославија ќе им почнува и ќе им завршува работниот ден.

“Битола моја”