Една од најпопуларните македонски пејачки во седумдесеттите од минатиот век. Родена е во Зрењанин, 1951 г. Уште многу мала се преселува во Битола, бидејќи татко и е воено лице, и тоа од Србија во Македонија, поточно во Битола. Основно и средно образование завршува во Битола, а Филолошки факултет, група англиски и француски јазик завршува во Скопје.

Уште во основно образование таа пее во пионерските домови, зачленета во драмската секција и е препознатлива како “девојчето со убав глас”. Ангажирана е од групата „СКРОМНИ“, предводена од Славе Димитров, Кире Костов, Сашо Барабанов и др. Сашка учествува на прочуениот фестивал „Сан Ремо“, во детско-младинскиот дел „Кантаџиро“. Одличен пласман – Втора награда добива со песната на Славе Димитров „Еден пораз не е крај “.

Во седумдесеттите години на минатиот век Сашка е голема ѕвезда. Зад себе има шеесетина снимки, неколку емисии на просторот на бивша Југославија, неколкукратни забележливо успешни настапи на националните телевизии на Австрија, Бугарија, Советскиот Сојуз и Полска. Нејзиното деби на забавно-музичката сцена е на фестивалот во Суботица во 1970 г.

Следната година е во интернационалниот состав интерпретатори на забавни мелодии на „Кантаџиро“ во Сан Ремо. Потоа следуваат нејзините настапи на сите фестивали на забавни мелодии во нашата земја, како и учество на „Златен Орфеј“ во Бургас, Р Бугарија. Добива повеќе награди и тоа: Прва награда за интерпретација на композицијата „Еден пораз не е крај“ во Суботица, Втора награда за интерпретација на „Кантаџиро“ во Сан Ремо, Втора награда за интерпретација на „Толку љубов“ во Бургас, Прва и Втора награда на Фестивалот за забавни мелодии – Скопје за „Никогаш,никогаш“ и „Бакни ме“.

Сашка Петковска – Липша има околу педесетина снимки на Радио Скопје, шоу-емисии и настапи на ТВ Скопје, ТВ-шоу на австриската телевизија и снимка за Интервизија. Издава две сингл и на ЛП од Опатискиот фестивал и сонгови на ЛП со наслов „Наши приредби“ од емисиите на Јован Ристиќ. Најголем успех постига со композициите: „Бакни ме“,

„Никогаш,никогаш“, „Гриша“, „Среќна сум што живеам“, „Чувство“, „Чао, адио“,

„Јоги вежби“, „Запри срце“…

Сашка Петковска во еден период беше дел од популарната група „Македонија“ пееше заедно со: даниела Панчетовиќ, Верица Ристевска, Зорица Поп Панкова, Кирчо Поп Лазаров и панче Кочовски.

Во нејзина чест Детскиот фестивал „Си До“ во Битола има награда за интерпретација што го носи нејзиното име. Во 2010 година се одржува манифестацијата „Незаборав во чест на Сашка Петковска – Липша“, во Народниот театар во Битола, на која познатите битолски пејачи ги изведуваат најголемите хитови на своевремено најпопуларниот македонски вокал.

Сашка почина премлада. Животот го загуби во соoбраќајна несреќа на 32 години, но нејзините песни направија чудо. Преку нив таа сè уште живее.

На тој кобен ден 31-ви август 1983 година, Авона, Сашка Петковска, Блага Петреска и други музичари требало да одржат концерт во Свети Николе. Времето не им се погодило, врнежливо и студено. Дали поради грешка на возачот или лизгавиот пат, автобусот со кој патувале излетал од патот и се превртел. Во несреќата загинаа Сашка Петковска, а од Авона (танчерска група) животите ги загубија Вељко кој тогаш имаше 26 години, Петранка имаше 27 и Евдокија 23 години.

Извор Fashionel.mk

Leave a Reply