Гледањето на кафе е долгогодишна традиција на битолчани, особено на битолчанки. Дури понекогаш смислата на пиењето турско кафе ја давало она што следувало после пиењето – гледањето на кафе.

Многу важна работа при гатањето на кафе е во филџанот на внатрешната страна да нема декорации за фигурите да бидат јасни. Кафето треба да се испие лезетски и без брзање. Веднаш после испивањето на последната голтка, се става тацнето од горната страна на филџанот, и со 3 вртења во насока на стрелките на часовникот се ротира покриениот филџан и се отпревртува на тацнето. Филџанот се остава неколку минути за да се исуши талогот и за убаво да се оформат фигурите.

Филџанот е поделен вака: левата страна на рачката се однесува на личноста на која и се гледа и нејзиното минато, а спротивната страна е за партнерот и иднината. Симболите поблиску до врвот на филџанот ги претставуваат настаните кои, најверојатно ќе се остварат поскоро, центарот зборува за сегашноста, додека на дното на филџанот се некои позитивни и негативни предупредувања, како и домот на лицето на кое му се гата.

Најдобро е да се протолкува целокупната слика во филџанот, заедно со сите симболи. Карактерите се толкуваат од лево кон десно, и треба да бидат меѓусебно поврзани за да добиете комплетна слика. На крајот, лицето на кое му се гледа, замислува желба со стискање на прстот на дното од филџанот (ако е желбата љубовна се притиска со четвртиот венчалниот прст). Можи да стисни уште 2 желби.
Се верува дека настаните кои се впишани во филџанот ќе се случуваат во наредната половина година од денот на гатањето.

Иако на прв поглед фигурите во филџанот може да изгледаат хаотично, после извесна пракса, гледањето станува полесно и појасно.
Гледањето на кафе е најдобро да се прави во текот на денот, а најдобри денови за такво “читање” се вторник и петок, додека неделата и религиозните празници треба да се одбегнуваат.