МНОГУ ГЕНЕРАЦИИ БИТОЛЧАНИ ГО КОРИСТЕЛЕ ПОЗНАТОТО ИЗЛЕТНИЧКО МЕСТО ТУМБЕ КАФЕ ЗА ОДМОР, РАЗОНОДА И ЗАБАВА, ЗА ПИЕЊЕ ЛАДНА БИРА

Празници, празници. Верски и државни. За разни настани и сеќавања. За помнење на подалечното и поблиско историско минато, за незаборав на она што било, а не исчезнало, за нови радости и веселби. Обично оние пролетните и најпривлечните, како дел од радоста што со будењето на пролетта се будат и желбите за нови успеси и благодети. Се одбележувале на разни места. Крај цркви и манастири, кај спомен-обележја и паметници.

За битолчани најчесто и најпривлечно е на Тумбе Кафе. Можеби и токму затоа ова познато излетничко место е често опеано во песните и поезијата. За убавата природа околу него, за ладната бира што таму се пиела. Да се престојува во Битола, а да не се посети Тумбе Кафе било исто како и да не се види и почувствува конзулството, боемштината, граѓанштината на Бабам Битола.

Таа традиција ја негувале многу генерации. Се искачувале на Тумбе Кафе со пајтони во друштво на свои најблиски. Оделе на “тефериџ”, на излет во природа. Да се видат со пријатели, но и да бидат видени. Со нови фустани, шапки, бастуни. Со убави моми, стројни домаќинки.

– Постарите раскажуваат дека традицијата за престој на Тумбе Кафе ја создале агите и беговите, а ја прифатил и дипломатскиот персонал од конзулскиот период во отоманското царство. Местото било мало, но преполно со луѓе. Се шетале, се среќавале. Се разбира, најмногу богати, а потоа и бекрии – велат старите битолчани.

Местото наречено Тумбе Кафе се наоѓа на источната страна од градот, пред античкиот локалитет Хераклеа Линкестис. Таму имало угостителски објекти, се точела бира, а за што попријатно престојување била изградена и летна театарска сцена, зоолошка градина. Во вечерните часови трештела музика, се играле танго и валцери. Местото станало привлечно и за многу надворешни посетители, туристи.
Најатрактивни биле првомајските празнувања. Музичарите се надгласувале со бимбилите, уживале во зеленилото, цвеќињата, во погледот кон градот и неговата околина, кон белиот Пелистер.

За жал, со востановување на новите форми за забава тоа како да го изгуби својот сјај. Дел од објектите се запустија, излетниците се проретчија, посетителите се намалија. Обидот со изградба на рекреативна патека, поставување на клупи и осветлување не го издржа налетот на сите оние што започнаа да создаваат нови форми за одмор и забава. Останаа само сеќавањата и песните – за ладната бира, за Бабам Битола и Тумбе Кафе.

Но времињата се менуваат како луѓето. Се повеќе започнаа да се враќаат на спомените од минатото. На потребите повеќе да се излегува во природа, да се другарува со своите блиски и пријатели.
Битолчани веќе повторно посегнуваат по ладната бира.

Навистина ли таа највкусна била на Тумбе кафе?

Петар Ставрев извадок од Вечер 2006 година

Leave a Reply