Ракијата традиционално се пие од мали чашки кои се околу 30 милилитри, кои пак со еволуцијата се развивале по обликот и човековата желба за практичност и естетика (упатуваме на дизајнот на чоканчето).

Кандилото и ракијата како смртта и животот
Неумесно, скоро светогрдно е дотурањето ракија на оној до вас кој се уште не ја допил ракијата до крај. Се додека не се испразни чоканчето, во него не се дотура. Адетот вели дека кога некој кој не знае и ја сили пијанката дотурајќи во недопиено чоканче, учтиво му се вели друг пат да не го прави тоа оти: “само во кандило се дотура, а во ракија не”. 

Наравоучението од оваа традиционална практика е дека ракијата е слава на животот, наспроти кандилото кое ја симболизира смртта. Дотурајќи во чашата ракија, всушност се дотура во смртта. Кандилото не ни бега, затоа додека не му дојде редот да свети пред нашето почивалиште, дајте подобро изет на овоземните нешта кои ни чинат благопријатност и вкусосластие. 

Оној кој брза да дотури, тој нема мерка, кој нема мерка, тој нема oсет, кој нема oсет, тој нема исаф, кој нема исаф, тој аздисва, кој ќе аздиса тој не прај ќеф. Кој не прај ќеф, со тој џабе седиш на маса.

НА ЗДРАВЈЕ!

Фото Гордана Аџиева Михајловска