Баба Планина, возвишен восторг (восхит, занес) кој го проветрува загушливото и отровно пелагониско воздушно тесто околу Битола. Прочистувачката бистрина на воздухот над 2.000 метри надморска висина е нескротлива стерна на облагородувачка енергија на духот. Кога си таму, „горе“, душевната настројба загарантирано секогаш е во левитирачка состојба. Вечна вистина која постојано ме и нè враќа на нејзината географска и духовна „фреквенција“.

Токму овие импресии, помножени по милион, веднаш ми дојдоа на ум кога пријателот и другар по планински патеки, според мене во моментов најдобриот планински тркач во Македонија (иако пишано субјективно, во прилог на ова мое тврдење одат корпус објективни импресивни бројки и статистички факти), Александар Стојкоски, во еден неформален муабет за оваа и за двајцата огромна планинска љуба, ја нафрли предизвикувачката идеја за планинска трчанка на Баба која сака да ја реализира тој како личен предизвик, а која ќе комбинира три фактори кои истиот го прават физички прилично комплексен: висини, должини и време. За уживањето да се најде пред предизвикот на достигнувањето…

На кратко, овој планинарско-трчачки проект, кој подоцна, за време на кроењето на плановите си го нарековме „БАБА 2К“, подразбираше предизвик да се искачат сите врвови на Баба Планина кои се извишуваат над 2.000 метри надморска висина, во временски рамки под 24 часа л (едно деноноќие), со истрчување на целокупната должинска линија која ги поврзува истите. Подвиг, сам по себе, физички исклучително предизвикувачки, бидејќи, освен што е позитивно обременет од совладување на вкупна позитивна денивелација од 5.400 висински метри, и должинска дистанца од околу 85 километри, подразбира и дополнително борење со самата разновидна структура на теренот (особено камењарските делници, прилично чести долж целата тура, како и густите клеки), кои даваа дополнителна тежина на целиот потфат. И да, потфат кој досега не е забележано дека е реализиран од некого, со што сам по себе, е своевидна револуција како во планинското трчање, така и во планинарењето во Македонија.

Продолжение и како заврши овај предизвик ТУКА