Бабам Битола, Битола стари фотографии, Градот на Конзулите и Тера ТВ заедно со вас и старите фотографии од Битола и битолчани во минатото. На следната фотографија е најмладата народна хероина Фана Кочовска-Цветковиќ – „Петра“ (1927 – 2004) која е македонски првоборец и народен херој од НОБ.

Позната е како најмладата Народна хероина на Југославија, титула што ја добила на 9. октомври 1953 година.
Родена во битолското село Лавци на 27. јули 1927., во типично македонско печалбарско семејство. За време на нејзиниот живот извршувала високи општествени и државни функции. Почина на 17-ти Април 2004 г.


Повеќе инфо: Фана Кочовска-Цветковиќ – „Петра“
(1927 – 2004)

Фана Кочовска – Цветковиќ е македонски првоборец и народен херој од НОБ. Позната е како најмладата Народна хероина на Југославија, титула што ја добила на 9. октомври 1953 година.

Фана е родена во битолско Лавци на 27. јули 1927., во типично македонско печалбарско семејство. Сѐ уште била бебе кога татко ѝ пошол на печалба во САД, а таа подоцна морала да ѝ помага на мајка си во вршење и на најтешките работи на поле, бидејќи печалбарската плата не била ни сигурна ни константна.

Втората светска војна ја затекнала на неполни 14 години, поточно 13 г. и 9 месеци, кога и била примена во Сојузот на комунистичката (о)младина на Југославија (СКОЈ). Само по неколку недели, поради прогонот од бугарските фашистички власти, Фана преминува во илегала. На 14-годишна возраст застанала со пушка в раце во партизанскиот строј на Народноослободителната борба – НОБ.

Како припадничка на партизанските одреди „Јане Сандански” и „Даме Груев”, Фана учествува во неколку битки против германско-бугарските наци-фашистички окупатори. Се одликува со голема храброст, смелост, енергичност и присебност, поради што, како најмала меѓу соборците, ги освоила симпатиите на сите. На свои 16 години, во 1943., станува и член на КПЈ. Била дел и од Февруарскиот поход во 1944., од Кожуф до Козјак. Тогаш таа е водач на младинскиот баталјон „Стив Наумов”.

Фото Зоран Кардула

Подоцна истата 1944 година, Фана учествува во нападот на бункер на германско-бугарските фашисти кај Рудникот Злетово. 3адачата е успешно извршена, но младата хероина била ранета.

По ослободувањето вршела високи општествени и државни функции. Била член на Окружниот комитет на народната младина во Битола, член на Бирото на Централниот комитет на Народната младина на Македонија, претседател на Секцијата на жените во Македонија, како и член на оваа секција за Југославија. Потоа е претседател на комисијата за општествен надзор на Социјалистичка Република Македонија. Била избрана и за член во Главниот одбор на Претседателството на Македонија, била делегат на Конференцијата на Сојузот на комунистите, како и на Десеттиот конгрес на Централниот комитет.

Фана почина на 17. април 2004 година во Скопје.
_______________________________________