Секое дете, па дури и возрасните јадат шеќерна волна или шеќерен памук како што си го викаме.
Се сеќавате ли на последниот пат кога сте јаделе шеќерна волна? За повеќето од нас, ова слатко задоволство остана во далечното минато кога сме биле деца.
Децата ја обожаваат затоа што изгледа магично, како сладок облак, а и возрасните ја сакаме, бидејќи понекогаш сакаме да се вратиме во времето на детството, во оние моменти кога малите и едноставни работи беа сосема доволни за среќа. Шеќерната волна која сега доаѓа во сите можни бои, ни дава шанса да уживаме во моментот на највесел можен начин.

Кога бев дете, шеќерната волна беше достапна само во еден ден во годината за време на панаѓур. Сеуште се сеќавам на портокаловата малечка барака каде продавачот ја подготвуваше розовата памучна волна од каде се ширеше слаткиот мирис на растопен шеќер. Тоа беа едни од најсреќните моменти во моето детство. Редици дечиња застанати пред портокаловата куќичка чекаа да си купат од слаткото задоволство. И така лепливи во рачињата и на лицата од залепениот шеќер, бевме најсреќни.

Години минаа додека пробав памук повторно пред неколку години. Сега јас им го купувам на моите деца и им ја раскажувам приказната за малата портокалова куќичка.
Јадењето шеќерна волна обично е на првиот ден од пролетта кај црквата на Кркардаш. Таму може да видите многубројни дечиња кои кубат од шеќерната волна и со сласт си ја ставаат в уста. Во останатите денови во годината, шеќерната волна може да се купи во градскиот парк во Битола, обично кај бутките стои чичко кој ја продава во разни бои или на некои панаѓури и настани кога времето е топло.

Шеќернаааааа, зашеќеренааааа и калеша неверна