На времето Први Мај се славеше како Ден на трудот, додека за 2-ри Мај се одеше на излет во Кисела Вода, Крстоар, по манастирите околу градот.

“Кога ќе се договоравме за екскурзија од училиште, или излет, се радувавме на парчето салама, сирење, младо кромитче, лукче, поготово за излетите на 2–ри мај. Први мај се празнуваше како ден на трудот. Најблиска дестинација, освен Тумбе Кафе, беше Кисела Вода. Ливадата беше посланица од народ. Кисела Вода имаше чешми од кои непрекинато течеше кисела вода во корито од мермер. Се слегуваше низ стрмно спуштените скали. Многу битолчани, кисела вода полнеа во тамиџани носејќи ја дома. Над чешмите кратко време имаше кафеана. Во непосредна близина беше Сребрена Вода за која веруваа дека е лековита. Кисела Вода, оставена на забот на времето, ја затворија.” *

Друго посетено место за време на Првомајските празници беше Бегова Чешма (сегашен хотел Молика) на Баба Планина. Таму битолчани истотака уживаа во благодетите на природата, распослани на ќебина и шаторски крила под дебелите сенки од моликата, дружејќи се меѓусебе со скара, музика и пијалоци.

*Љиљана Томичич